Zlatan Kapiç
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ им се заблагодари на учесниците на денешниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕЦ) и ѝ посака успех на Турција во претседателствувањето со организацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Белград денеска се одржа 35. состанок на Советот на министри за надворешни работи на БСЕЦ, со што е завршено шестмесечното претседателствување на Србија со таа организација. Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, претседателствувањето со БСЕЦ му го предаде на заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Јилдиз.
На крајот од средбата беше потпишан договор меѓу владите и земјите-учеснички на БСЕЦ за соработка и помош при вонредни состоби.
На прес-конференцијата по состанокот, Дачиќ рече дека БСЕЦ е организација што се занимава со економски прашања, но и дека не може да биде изолирана од политичките прашања.
Тој рече дека Русија донирала еден милион долари за организацијата, иако, како што рече Дачиќ, немало политички консензус за ова прашање.
Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, изрази сочувство до турското раководство и до турскиот народ за терористичките напади во Истанбул, и додаде дека разбира оти тоа е причината зошто турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, не може да биде денес во Белград.
Лавров изјави дека Русија е заинтересирана да се зајакне соработката во рамките на организацијата, и притоа да се зачува деполитизираниот карактер на БСЕЦ.
„Турција го презема претседавањето од 1 јануари и се надеваме дека ќе биде успешна во водењето на организацијата. Следната година ќе прославиме 25-годишнина од постоењето на организацијата и ги поздравуваме намерите на турските партнери за организирање јубилеен состанок“, рече Лавров.
Заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Јилдиз, ѝ се заблагодари на Србија за претседавањето во претходните шест месеци и потсети дека Турција е еден од основачите на организацијата.
„Нашето претседавање доаѓа заедно со 25-годишнината на организацијата, а следниот состанок е во Истанбул, во јуни. Еден од нашите приоритети ќе биде финализирање на процесот на реформа на организацијата, со цел да биде поефективна. Имајќи ги предвид целите на одржлив развој, подготвени сме и за соработка во таа насока“, рече Јилдиз, додавајќи дека регионалното партнерство бара и регионална соработка.
Генералниот секретар на БСЕЦ, Мајкл Кристидес, рече дека Организацијата е отворен прозорец за дијалог и разбирање, а тоа според него е дополнителна вредност на организацијата.
На состанокот на Советот на министри на БСЕЦ присуствуваа претставници од 12 земји, а меѓу учесниците беа Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Јилдиз, министерот за надворешни работи и европска интеграција на Молдавија, Андреј Галбур, потоа Лазар Команеску, министер за надворешни работи на Романија.