Didar Yüsra Dilruba Öz
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Првата дама на Република Турција, Емине Ердоган, ја повика светската заедница да стори нешто повеќе, а не само да плаче над жените и децата во Сирија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмото наменето за сопругите на светските лидери, сопругата на претседателот на Турција истакна дека за Сирија мора да се стори нешто повеќе отколку само оплакување на таа земја.
„Ги повикувам сите жени на светот да преземат нешто за сириските жени и деца, кои се без храна, вода и медицинска помош“, се наведува во писмото.
Од претседателската канцеларија за медиуми денес истакнаа дека г-ѓа Ердоган во писмото истакнала оти во изминатите пет години во Сирија се убиени повеќе од 600.00 лица.
„Седум милиони лица ги напуштија своите домови, а пет милиони ја напуштија својата земја. Деца, жени, цивили се убивани во судирите во кои се користи хемиско оружје. Нашите срца веќе не можат да ја поднесат оваа болка“, напиша Емине Ердоган.
Таа потсети и на рамнодушноста на меѓународното општество за ситуацијата во Сирија.
„Кога сето ова се случува далеку од очите на светот, молкот на меѓународната заедница и индиферентноста ќе бидат срам за историјата на човештвото, токму како што беше во БиХ и во Руанда. Како мајка, жена и пред сѐ како човек, човечката драма во Сирија ви ја препуштам на вашата совест“, истакна сопругата на турскиот претседател.
Таа напомена дека Турција згрижила три милиони сириски бегалци кои побегнале од војната.
„Не можевме мирно да ја гледаме драмата во Алепо, ги отворивме нашите срца за бегалците... како и за сите жртви што се сѐ уште под наша заштита. Децата на Алепо, жените и мажите ќе бидат наши гости до денот кога ќе се вратат во своите домови. Со сето срце верувам дека ќе придонесете за мобилизација на меѓународната заедница во оваа смисла. Можеме да го отвориме патот за мир, безбедност и просперитет само ако дејствуваме заедно. Ви нудам искрено пријателство во свое име и во името на мојата земја. Сакам 2017 година да донесе мир и среќа за целото човештво“, наведе во писмото сопругата на претседателот на Турција.