Zlatan Kapiç
13 Декември 2016•Ажурирај: 13 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска, на отворањето на 35. состанок на Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на Организацијата за црноморска економска соработка порача дека Србија ѝ подава рака на Хрватска за подобро утре, јавува Anadolu Agency (AA).
„Должноста претседател на БСЕЦ ја предаваме во рацете на Република Турција, со надеж дека во овие неколку изминати месеци придонесовме за јакнење на организацијата“, рече Николиќ на отворањето на состанокот, на кој учествуваат претставници од 12 земји.
Српскиот претседател рече дека формирањето и функционирањето на БСЕЦ како форум за дискусија за регионалната соработка во областите надвор од политиката покажа дека умееме и можеме да соработуваме во интерес на сите граѓани опфатени со иницијативата.
„Важноста на енергетските извори во Црното и во Каспиското Море влијае на зголемениот интерес на Европската Унија за земјите од БСЕЦ, чиј член е и Русија. Можеби тоа е добра политика за воспоставување подобри односи во Европа“, рече Николиќ.
Тој истакна дека Србија јасно го има зацртано својот европски пат, и дека неговата земја вложува напори за сите барања што треба да ги исполни на тој пат.
Николиќ се осврна на блокадата во отворањето на поглавјето 26 од преговорите на Србија за членство во ЕУ, и рече дека 27 земји-членки немаат приговори за отворање на ова поглавје, но една членка на Европската Унија го блокирала отворањето на поглавјето што се однесува на законите за националните малцинства.
Николиќ рече дека одговорно може да тврди оти законите што ги третираат националните малцинства во Србија се далеку над оние на земјите-членки на ЕУ.
„Србија не сака да им помогне на ретроградните процеси и не прифаќа речник на уцени, не одговара на провокации и се обидува да не ги урне тукушто изградените мостови, но им порачуваме на сите дека тоа не е знак на нашата слабост. Во Хрватска како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ѝ наштети на Србија и повеќе ќе ја навреди. Претседателката им се извинува на родителите бидејќи во новогодишните пакетчиња што им ги подари на децата имало чоколади произведени во Србија. Врвот беше вчера, Хрватска го попречува патот на Србија во Европската Унија поради нерешени билатерални прашања, но денес ѝ подаваме рака на Хрватска за подобро утре на нашите деца. Таа рака е подадена за сите, а особено за Хрватска“, порача Николиќ и додаде:
„Пораката што му ја испраќаме на светот од Белград е порака на соработката и на мирот, со цел благосостојба за сите граѓани“.
Српскиот претседател ѝ посака успех на Турција за време на нејзиното претседателство со БСЕЦ.
На состанокот на Советот на министри на БСЕЦ присуствуваат претставници од 12 земји, а меѓу учесниците се Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Јилдиз, министерот за надворешни работи и европска интеграција на Молдавија, Андреј Галбур и Лазар Команеску, министер за надворешни работи на Романија.