Muhammet Tarhan
09 Октомври 2022•Ажурирај: 11 Октомври 2022
АНКАРА
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) обнови повеќе од 80 објекти од османлискиот период на Балканот како дел од напорите за сочувување на заедничкото историско и културно наследство во регионот, известува Агенција Анадолија (АА).
ТИКА придава голема важност на обновувањето и реставрацијата на повеќевековните објекти што Османлиите ги граделе на Балканот, како што се џамии, мостови, медреси, саат-кули и јавни бањи.
Делувајќи со 11 координациски канцеларии на Балканот, ТИКА настојува да го заштити културното наследство на Османлиското Царство градено во периодот од 14 до почетокот на 20 век.
По повод неделата што Туркије ја посвети на џамиите и верскиот персонал, Агенција Анадолија дојде до податоци според кои ТИКА досега ја завршила реставрацијата и реновирањето на 40 џамии на Балканот.
- Северна Македонија
Џамијата на султан Мурат, најголемата во Скопје, изградена е од османлискиот султан Мурат II од 1436 до 1437 година. По опсежната тригодишна реставрација и уредување од страна на ТИКА, објектот повторно е отворен во 2020 година.
ТИКА ги заврши работите и на реновирањето и уредувањето на Исак-беговата џамија, изградена во 1438 година во Битола. Овој објект зазема важно место во историјата на Северна Македонија. Исак-беговата џамија повторно е отворена во 2020 година. Во рамките на проектите на ТИКА, реставрирана е и џамијата „Хусеин Шах“ во скопската Општина Сарај.
ТИКА ја продолжува соработката со владите на земјите со цел зачувување на османлиското наследство на Балканот, пренесувајќи го на идните генерации.
- Босна и Херцеговина
Ферхадовата џамија е еден од најзначајните историски и културни споменици на османлискиот период во Босна и Херцеговина. Џамијата што во потполност беше уништена во текот на агресијата врз БиХ, обновена е во 2016 година.
Царевата џамија, позната како најстара џамија во Сараево, обновена е во 2015 година и отворена на свечена церемонија на која присуствуваше и претседателот на Туркије, Ердоган.
Уште шест џамии во Босна и Херцеговина, вклучувајќи ја и маглајската убавица Куршумија, исто така се обновени од ТИКА.
- Албанија
Етхем-беговата џамија, една од осумте големи џамии од османлискиот период во Тирана, во потполност е обновена во 2021 година од страна на ТИКА. Реставрацијата на објектот траеше околу 4 години.
Станува збор за џамија од почетокот на 19 век, што повторно е отворена во главниот град на Албанија во јануари 2022 година. На отворањето на џамијата присуствуваше и претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган.
Минатата година во Тирана е завршена и реставрацијата на џамијата Берат Бекарлар. Објектот е вклучен во списокот на светското наследство на УНЕСКО.
Покрај реставраторските работи, ТИКА реновираше уште 7 џамии, вклучувајќи ја и џамијата во Прешката тврдина.
- Црна Гора
По бројните реновирања по изградбата во 1620 година, Шемси-пашината џамија во санџачкиот крај на Црна Гора, во 2015 година во потполност е обновена од страна на ТИКА.
Џамијата Низам, изградена од султанот Мурат II на османлиските гробишта во Тузим, во близина на Подгорица, главниот град на Црна Гора, обновена е од страна на ТИКА во 2015 година. Станува збор за објект што бил уништен во текот на Втората светска војна.
- Косово
Реставрацијата на Синан-пашината џамија, главното османлиско обележје во косовскиот град Призрен, започна во 2007, а работите се завршени во 2011 година.
ТИКА во 2010 ја заврши реставрацијата на џамијата на Фатих, која е класичен пример на османлиска архитектура и исламско уметничко дело. Изградена е од султанот Мехмет II во периодот од 1460 до 1461 година.
ТИКА спроведе реставрација на уште четири џамии во Косово.