Gorana Jakovljevic
05 Мај 2023•Ажурирај: 06 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Србија потврди дека припадниците на Министерството, по опсежна потрага, го уапсиле У. Б. (роден 2002 година) во околината на Крагуевац, јавува Анадолу.
„Тој е осомничен дека синоќа со огнено оружје усмртил осум лица и ранил 14“, се наведува во соопштението на Министерството.
Се додава дека повредените лица се згрижени во болниците.
„Полицијата продолжува со работата на расветлување на сите факти и околности од овој настан“, се додава во соопштението.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ, пукањето кај Младеновац го нарече терористички чин.
Министерството за здравство на Србија апелираше до граѓаните дека се потребни крводарители за ранетите во пукањето што се случи во текот на ноќта кај Младеновац. Потребна е крв од сите крвни групи, наведоа од Министерството за здравство.
Нападот во селата кај Младеновац е втор смртоносен напад со огнено оружје што се случи во Србија за два дена.
Првиот напад се случи во средата, кога во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ ученик од седмо одделение (13) уби осум ученици и еден припадник на обезбедувањето.