Samir Kajoševic
23 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
ПОДГОРИЦА (АА) - Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, рече дека земјата ќе ги поддржи напорите на Црна Гора да биде членка на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (AA).
Милановиќ, во текот на вториот ден од официјалната посета на Црна Гора, се состана со претседателот на Парламентот на Црна Гора, Иван Брајовиќ. Хрватскиот претседател рече дека не е случајно што доаѓа во Црна Гора набргу по преземањето на должноста.
„Вие сте земја што донесе добри одлуки и тоа навреме. Со влегувањето во НАТО и преговарањето со ЕУ, вие јасно и неповратно го одбравте карактерот на западните демократии“, додаде Милановиќ.
Тој нагласи дека Европската Унија претставува најдобро опкружување за државите од регионот и дека тоа е друштво во кое Хрватска со задоволство ќе ја види Црна Гора, како што рече, како прва земја членка во следниот видлив период.
Претседателот на црногорскиот Парламент, Брајовиќ, истакна дека посетата на Милановиќ претставува уште една потврда за добрите билатерални односи меѓу двете земји, како и јасна поддршка за Црна Гора на нејзиниот интеграциски пат. Тој ѝ се заблагодари на Хрватска што ѝ помогна на Црна Гора да ги исполни своите стратешки цели во надворешната политика.
„Поддршката на Хрватска беше уште позначајна имајќи предвид дека доаѓа од соседна, пријателска земја, која своето претседавање со Советот на ЕУ, во предизвикувачки времиња, сепак успеа да го посвети на политиката за интеграција на државите од Западен Балкан во Унијата“, истакна Брајовиќ.
Како што се наведува, за време на средбата станало збор за моменталните здравствени и економски предизвици на двете држави, со оценка дека Црна Гора и Хрватска успешно ќе ги совладаат.