Husamedin Gina
23 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) воведува нова програма за стипендирање на идните студенти за учебната 2020/2021 година, што се базира на успехот остварен во средното образование, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новата програма на Универзитетот, средношколците со добар успех можат да добијат стипендија од 50 до 100% за секој семестар, а со тоа и можност да студираат на еден од најдобрите универзитети во земјава на кој наставата се одвива целосно на англиски јазик, и кој, според Шангајската листа, е прогласен за најдобар универзитет во областа на наставата и учењето. Аплицирањето за стипендии почнува денеска и ќе трае до 25 септември, односно до пополнување на предвидените квоти.
„Како општествено одговорна високообразовна институција, ние остануваме целосно посветени на поддршката на образованието и науката во Република Северна Македонија и Балканскиот Регион преку обезбедување стипендии до 100% за најталентираните и најуспешните матуранти. Во изминатите 14 години од основањето, повеќе од 1200 студенти ја имаат искористено нашата програма за стипендии и денес веќе се висококвалификувани професионалци. Тие се вистинските амбасадори на Меѓународниот балкански универзитет и на нашиот модерен, квалитативен, студентски фокусиран и кариерно ориентиран образовен систем“, вели Висар Рамадани, генерален секретар на МБУ.
Исто така, новата програма предвидува целосна стипендија од 100% за оние матуранти што се прогласени за најдобри во генерацијата, што се докажува со потврда издадена од управата на средното училиште и тие студенти ќе бидат целосно ослободени од школарина.
Стипендија од 80% ќе добијат учениците со среден успех 5,00 и за нив трошоците по семестар ќе изнесуваат 200 евра. За учениците со успех од 4,50 до 4,99 е предвидена стипендија од 70 отсто, односно семестарот ќе ги чини 300 евра, а за оние со успех меѓу 4,00 и 4,49 стипендијата е 60 отсто, односно школарината по семестар е 400 евра. Стипендија во висина од 50 отсто и плаќање школарина од 500 евра по семестар можат да добијат средношколците со среден успех од 3.00 до 3.99.
Меѓународниот балкански универзитет е меѓународнопризнат универзитет на кој студираат млади од 15-тина земји, со кампус од светски ранг во Скопје. На студентите им се нуди и динамична примена на програмата Еразмус+ и целосна стипендија за студентска мобилност во еден од 200-те универзитети во 40-тина земји од светот со кои МБУ соработува, а современите студиски програми овозможуваат започнување кариера веднаш по дипломирањето.
Идните студенти можат да аплицираат за стипендии за седум факултети со 18 програми за додипломски студии во различни области, како што се компјутерско инженерство, архитектура, психологија, графички дизајн, банкарство и финансии, односи со јавност и маркетинг-комуникации.
Новата програма за стипендии на МБУ за 2020/2021 година важи за идните студенти од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Добиената стипендија важи и за подготвителната програма по англиски јазик за кандидатите кои немаат потребно ниво на владеење на англискиот јазик.
Сите што ги исполнуваат условите и сакаат да студираат на престижниот универзитет можат да аплицираат онлајн на www.ibu.edu.mk.
Периодот на аплицирање во првиот уписен рок е од денес до 26 јуни, вториот уписен рок е од 13 јули до 21 август, а третиот уписен рок е од 31 август до 25 септември.