Admir Fazlagic
20 Април 2016•Ажурирај: 21 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во периодот пред крај на учебната година, високообразовните институции ги претставуваат своите програми, начиот на студирање и сите можности со кои би го привлекле вниманието на матурантите, односно идните студенти, но исто така и доделуваат различни стипендии. Според добиените податоци, од приватните универзитети, Балканскиот интернационален универзитет (ИБУ) од Скопје доделува најголем број стипендии за студентите, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот приватен универзитет во Република Македонија, ФОН, оваа година ќе додели 59 целосни стипендии. За таа цел, второто тестирање ќе се одржи во мај. Кандидатите кои го поминале првото тестирање сега ќе бидат тестирани на интервју кое ќе биде спроведено со селектираните кандидати од страна на Универзитетска комисија во која членуваат и надворешни експерти од областа на факултетот на кој аплицираат кандидатите.
По завршување на процесот на аплицирање, кандидатите ќе бидат контактирани од страна на универзитетот за да добијат понатамошни инструкции пред првото тестирање.
Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) преку стипендиите по заслуга (MBS) има за цел финансиски да ги поддржи новите студенти во првиот циклус на студии (додипломски студии) кои ќе се запишат како редовни студенти во академската 2016/2017 година.
Целта на оваа програма е да се поддржат финансиски сите идни студенти кои сакаат да стекнат квалитетни и професионални знаења и вештини преку студиските програми на УЈИЕ.Стипендиите по заслуга ќе се доделат на сите студенти кои ќе се запишат на УЈИЕ според Конкурсот за запишување студенти за академската 2016/17 година, а кои ги исполнуваат критериумите за доделување стипендии по заслуга.
Приватниот универзитет American College во Скопје согласно програмата за стипендирање на ученици, во учебната 2016/2017 година ќе бидат доделени 12 стипендии.
Меѓународен Славјански универзитет од Свети Николе оваа година доделува по четири стипендии за студирање на секој од факултетите, што според податоците на овој универзитет значи дека годинава ќе додели 20 стипендии.
Во рамки на активностите за одбележување на десетгодишнината од основањето, Меѓународен Балкански универзитет организира испит за доделување на 500 стипендии за најуспешните матуранти од средните училишта во Македонија и од земјите од Балканскиот регион за академската 2016/2017 година.
Централното тестирање за матурантите од Македонија ќе се одржи на 23 април (сабота) со почеток во 10 часот во Скопје. Кандидатите ќе полагаат испит за стипендија кој содржи прашања од општа култура, историја, географија, математика и интелегенција, како и испит за познавања на англискиот јазик.
Кандидатите ќе имаат можност да изберат една помеѓу 20-те студиски програми на додипломски студии кои им се нудат на студентите за новата академска година.Сите заинтересирани матуранти можат да аплицираат за испитот за стипендии преку онлајн порталот www.ibu.edu.mk/scholarships .