Ivana Ramadanova
13 Април 2016•Ажурирај: 14 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Првата детска амбасада во светот Меѓаши денеска одржа промоција на публикацијата „Сите сме деца на овој свет“: како со учениците да се разговара за бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, оваа публикација е обид да се придонесе кон разбирањето на тешката состојба на илјадниците луѓе кои секој ден минуваат низ Македонија, блиску до нас и нашето секојдневно живеење.
„Пред неколку месеци или години не можевме ни да претпоставиме дека хуманитарна криза од овој тип ќе се случи и кај нас, дека толку голем број на деца и луѓе ќе бидат загрозени и со потреба за помош. Од тивкото и незабележливо поминување на бегалците низ Македонија, преку пешачењето со часови покрај пругите до големите бегалски кампови на граничните премини, нивната состојба не се променува”, вели Ана Битољану од Првата детска амбасада во светот, Меѓаши.

Според неа, хуманитарната помош е прва и најважна работа која во вакви ситуации треба да се реализира.
„Прирачникот е преведен од хрватски јазик, во одредени делови прилагоден е за македонските читатели. Сметаме дека ќе биде корисен и применлив и во Македонија поради сличноста на општествените контексти на двете земји, како и поради самата проблематика која е универзална”, додаде Битољану.