Ivana Ramadanova
23 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
СКОПЈЕ (AА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Манчестер, упати телеграма со сочувство до кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета Втора, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ваше Величество, со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот напад во Манчестер, во кој животот го загубија голем број невини лица и каде што има голем број повредени. Во овие тешки мигови на длабока тага, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување“, се вели во телеграмата.
Како што посочи Иванов, Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади, и се солидаризира со Обединетото Кралство во борбата против тероризмот.
„Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки, кои генерациите зад нас истрајно ги создавале. Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите“, се вели во телеграмата.
Официјални лица на полицијата во Манчестер соопштија дека во синоќешната експлозија на концертот на Ариана Гранде во „Манчестер Арена“, загинаа најмалку 22 лица, а дека се повредени 51 лице. Меѓу настраданите има и малолетници. Во истрагата се вклучени повеќе од 400 полицајци.