Admir Fazlagic
18 Февруари 2016•Ажурирај: 19 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски испрати телеграма до неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, по повод вчерашниот терористички напад во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
"Почитуван колега, би сакал да изразам длабоко жалење за терористичкиот напад што беше извршен вчера во Анкара, и воедно да изразам искрено сочувство до семејствата и блиските на настраданите" , пишува во телеграмата. Попоски во упатената телеграма до министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу истакнува дека Република Македонија најостро го осудува терористичкиот напад и изразува поддршка на Република Турција во борбата против тероризмот.
"Во името на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и во мое лично име би сакал да Ве уверам дека Република Македонија најостро го осудува овој грозоморен терористички акт и изразува безрезервна поддршка на пријателска Турција во борбата против тероризмот како една од најголемите безбедносни закани на денешницата.Во овие тешки мигови, уште еднаш примете ги, почитуван колега, изразите на моето најдлабоко сочувство", напиша Попоски.
Tерористичкиот напад е извршен вчера, врз возила кои превезувале лица на Оружените сили на Турција во моментот додека чекале на семафор на раскрсница на булеварот Инону, во центарот на Анкара. Според официјалните податоци, во нападот загинаа 28, а 61 лице е рането. Меѓу загинатите се 27 припадници на турските сили и еден цивил.