ПРИЗРЕН (АА) – АДНАН ИДРИЗ/ОРХАН ТОПАЛ – Косовската пратеничка од бошњачко потекло, Дуда Баље, по минатогодишниот крвав обид за државен удар на 15 јули во Турција, ги отпишала своите две деца од училиштата поврзани со ФЕТО, во кои учеле, и ги запишала во државните училишта.
Баље, мајка на три деца, во својата изјава за Аnadolu Аgency (AA) говореше за деталите за отпишувањето на нејзините деца од училиштата поврзани со ФЕТО откако се случи неуспешниот обид за државен удар на 15 јули.
„Забележавме дека нешто се случува, но не разбравме што. Ни се јавија од туристичката агенција и ми рекоа да излезам од државата бидејќи сум политичка личност, но јас не прифатив. Не бевме ни вознемирени“, нагласи Баље, истакнувајќи дека за време на обидот за државен удар, заедно се своето семејство била во Турција.
Баље пренесе дека се открило оти лицата што се обиделе да извршат државен удар се припадници на ФЕТО, и потоа се вратила во Косово. „Моите три деца учеа во колеџот „Мехмет Акиф“, кој е поврзан со Ѓулен. Таа година мојот најголем син дипломираше, мојата ќерќа беше во втора година средно училиште, а мојот најмал син беше во трето одделение во основно училиште“.
Баље истакна дека го почитува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Почитуваниот Ердоган за мене е политички идол. Секогаш во моите говори ги земам како пример неговите зборови. Откако се вратив во Косово, заедно со мојот сопруг одлучивме да ги отпишеме нашите деца, и отидов во тоа училиште“, вели таа.
Таа најпрвин ги побарала документите за дипломирањето на синот, кој дипломирал токму во тој периодот кога се случи обидот за државен удар, а високото образование ќе го продолжи во Австрија. Потоа на раководителот на училиштето му рекла дека сака да ги отпише и другите две деца.
- „Се обидоа да навлезат во политички прашања, да ме убедат“ -
Баље посочи дека раководителот на училиштето изразил незадоволство поради оваа нејзина одлука, бидејќи е популарна пратеничка во земјата која ги претставува Бошњаците. „Прво што ме прашаа беше дали амбасадата на Турција извршила притисок. Меѓутоа, за ова прашање не зборувавме со амбасадорката. Ова е моја одлука, и одлука на мојот сопруг. Директорот се обиде да ме убеди со политички прашања. Тој ми рече: ‘Не отпишувајте ги сега, почекајте малце, размислете’, но ние донесовме одлука. Тоа требаше да го направиме во тој момент“, истакна Баље.
Таа пренесе дека на раководителот на училиштето му рекла дека тука не дошла како политичарка, туку како мајка, и да не ја меша политиката. „Бидејќи темата сакаше да ја пренасочи кон политика. Му реков дека тука не сум дојдена како пратеничка, туку како мајка. Ме праша дали имам долгови. Кога виде дека сум одлучна, за половина час ги донесоа документите на моите деца. Не ги поздравив, ниту им кажав нешто, само ги зедов документите и излегов“, нагласи Баље, истакнувајќи дека никогаш не ги прифатила тие што се обиделе да извршат државен удар бидејќи на духовен начин е поврзана со Турција. Таа вели дека од големата почит кон Турција, заедно со својот сопруг одлучиле да ги отпишат децата од училиштата на ФЕТО, и ги запишала во државни училишта.
- „Многумина ги отпишаа своите деца од тие училишта“ -
Баље подвлече дека откако таа ги отпишала своите деца од тие училишта, 9 родители од нејзиното семејство ги отпишале нивните деца од истото училиште. „Ништо не им реков на членовите на семејството. Тие ги отпишале своите деца велејќи: ‘Ако таа ги отпишала, значи има нешто што знае’. Исто така, и повеќе косовски граѓани ги отпишаа своите деца од тие училишта. Останаа само децата на тие што имаат трговски врски со нив“, нагласи Баље.
Како што рече пратеничката Баље, припадниците на ФЕТО не се откажале од следењето на нејзиниот син, кој е во Австрија на студии, а таа е вознемирена поради тоа. „Се обидуваат да се сретнат со мојот син кој е во Австрија за студии. Побарале од него да учествува на нивните состаноци. Му кажале ‘да ти помогнеме’. Кога мојот син ми го кажа ова, сакав да се качам на авион и да одам таму. Го побарав сопственикот на куќата во кој живее мојот син. Му кажав да ме извести во случај да контактираат со него. Бев одлучна да одам и да го земам. Моментално нема ништо“, вели Баље.
- „Се срамам од поддршката на министерството кон нив“ -
„Јас, како родител, моите деца не ги оставив таму, но колеџите на Ѓулен имаат голема поддршка од Министерството за образование во земјата. Се срамам од тоа. Едно време мислевме дека ќе бидат затворени, но имам впечаток дека се многу блиски со политичарите, и ние ги прекинавме нашите односи“, истакна Баље.
Пратеничката Баље нагласи дека овој колеџ претходно бил познат како турско училиште. „Ако Турција ги прогласила како терористичка организација, за нас веќе не се турски училишта. Можеби името е турско. Кога некои ги прашувам во кое училиште одат, ми велат дека одат во турско училиште, но јас им велам дека тие се непријатели на Турција, зошто сѐ уште ги нарекуваат турски училишта“, додаде таа.
Баље осврнувајќи се на претставниците на Турската фондација „Маариф“, кои се подготвуваат да започнат со работа во две училишта во следната учебна година, истакна: „Маариф треба многу да работи за да постигне успех. Бидејќи кога родителите ќе ги запишат своите деца ќе речат: 'Чие е ова училиште, дали е квалитетно’. Треба да направат силна презентација, да допрат до секој“.