Admir Fazlagic
23 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Основниот суд Скопје 1 продолжи судењето за деветмината учесници во насилството кое се случи во Собранието на Република Македонија на 27 април, откако минатиот четврток беше одложено и презакажано за денеска, поради тоа што во судницата не беше присутен еден од обвинетите кои се наоѓаат во куќен притвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесниците се товарат за учество во толпа што ќе стори кривично дело и учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршењето на службени дејства. За насилствата во Собранието на Република Македонија осомничени се триесетина лица.
Деветмината обвинети денеска пред судот ја признаа вината за учество то толпа и спречување на службено лице во вршење на службени дејства.
Додека се одржува судењето, пред судот се собра група граѓани, во организаија на здружението „Тврдокорни“ за да ги поддржат како што наведоа во нивниот повик „браќата што застанаа во одбрана на честа и достоинството на татковината“.
Потсетуваме, вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстрантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија" кои се собраа пред зградата на Парламентот, на сила влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.