Ömer Süt,Halil Şahin
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
ИЗМИР (АА) - Во Кривичниот суд во Измир денес започна судењето на обвинетите за учество во неуспешниот јулски обид за воен удар во Турција, кој го изврши терористичката организација ФЕТО. Станува збор за судски процес против вкупно 270 обвинети, меѓу кои 152 лица се уапсени, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова е прво судење што започна во Измир врз основа на истрагата којашто ја спроведе Државното обвинителство во Измир, поточно одделот на обвинителството за борба против тероризмот и организираниот криминал, во врска со обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО.
Првото рочиште е организирано во кампусот на казнено-поправниот завод „Алиага“, каде што се преземени заострени безбедносни мерки. До влезот во судницата, сите присутни поминаа низ два контролни пункта, а околу судницата се распоредени специјални сили на турската полиција.
Турската жандармерија и со дронови го набљудува подрачјето околу кампусот каде што започна судењето.
Во судницата е примен по еден член од семејствата на сите обвинети, а најавено е дека ќе бидат примени и роднините на обвинетите во бегство, во согласност со капацитетот на судницата за вкупно 654 лица.
Судењето е започнато според обвинението за обид за рушење на уставниот поредок, членство во терористичка организација и обид за трајно нарушување на функционалноста на турскиот Парламент. Обвинети се вкупно 270 лица, меѓу кои е и првообвинетиот водач на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.
Сите осомничени беа претходно трајно суспендирани од турските вооружени сили, а меѓу нив има и двајца цивили и еден суспендиран припадник на полицијата.
Судењето е важно и од аспект што меѓу осомничените се наоѓаат голем број поранешни високи чиновници на турската војска кои раководеа со јулскиот обид за воен удар.
Меѓу обвинетите е и поранешниот началник на штабот на Егејската воена команда, генерал Мемдух Хакбилен, кој од страна на терористичката организација ФЕТО беше поставен како командант на таканаречената опсадна состојба во Маниса и во Измир. Меѓу обвинетите се и началникот на штабот на копнената команда на НАТО, генерал Салих Севил, и генералите Мехмед Нури Басол, Халил Ибрахим Јилдиз, Јашар Чамур, Ахмет Курал, Мустафа Илтер, Осман Надир Сајлан, Сулејман Манка, Веис Саваш и Ерсал Олмез, сите поранешни високопозиционирани чиновници на турската војска во таа воена област и активни учесници кои раководеа со јулскиот обид за пуч во Турција.