Besar Ademi
23 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Основниот суд Скопје 1 заврши судскиот процес против деветте лица обвинети за насилството во Собранието на Република Македонија на 27 април, а за обвинетите, по признавањето на вината пред судот за „учество во толпа” и „учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење на службени дејствија”, судот изрече условни казни, јавува Anadolu Agency (AA).
Кривичниот суд донесе одлука за алтернативни мерки, условни казни, освен за еден од обвинетите, кому му беше изречена условна мерка за период од една и пол година, под услов во текот на следните пет години да не го повтори прекршокот. За останатите условната казна е шест месеци, ако во рок од една и пол година не го повторат делото.
Додека се одржуваше судењето, пред Судот се собраа група граѓани во организација на здружението „Тврдокорни”, за да ги одбранат, како што истакнаа во нивниот повик, „браќата кои застанаа во одбрана на честа и достоинството на татковината".
За насилството во Собранието се осомничени триесет лица. Во настаните на 27 април беа повредени неколкумина пратеници, меѓу кои посериозно беше повреден лидерот на Движењето за реформа на Демократската партија на Албанците (ДР ДПА), Зијадин Села.
Инаку, ова беше второ рочиште на судењето на деветтемина обвинети кои беа условно ослободени, бидејќи првото рочиште требаше да се одржи на 18 мај, но беше одложено поради отсуство на еден од обвинетите, кој требаше да се донесе од домашен притвор.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстранти предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои се собраа пред зградата на парламентот, насилно влегоа внатре, каде што како резултат на нивното насилство беа повредени 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.