Ömer Yıldız
12 Август 2016•Ажурирај: 13 Август 2016
АДАНА (АА) - Кривичниот суд во турскиот град Адана, во рамките на истрагата во врска со финансирањето на насилниот терористички култ ФЕТО, донесе одлука за одземање на целиот имот на неговиот лидер, Фетула Ѓулен, јавува Anadolu Agency (AA).
Инаку, Фетула Ѓулен е првообвинет во случајот што го отвори обвинителството во Адана, и тој е обвинет за „обид за рушење на уставниот поредок“ во Турција. За Фетула Ѓулен, како и за Омер Екинџи, Кемал Елибал и Џемал Сонџу утврдено е дека се наоѓаат во странство, поради што е распишана потерница.
Кривичниот суд во Адана, со оглед на тоа што обвинетите имаат статус на бегалци, се повика на член 278 од турскиот Кривичен законик, и донесе одлука за одземање на целиот имот на Фетула Ѓулен, Омер Екинџи, Кемал Елибал и Кемал Сонџу.
„Со оваа одлука, на обвинетите им се одзема целиот недвижен имот во Турција, потоа превозни средства, хартии од вредност, акции во поединечни компании, а блокирани им се сите банкарски сметки“, се вели во соопштението од Судот.
Фетула Ѓулен, односно терористичката ФЕТО предводена од него, се товари за обидот за државен удар во Турција, на 15 јули оваа година. При обидот за државен удар загинаа повеќе од 230, а беа повредени повеќе од 2.000 луѓе.
Република Турција претходно издаде потерница за Ѓулен, поништен е неговиот турски пасош и упатено е барање до Соединетите Американски Држави (САД) за негова екстрадиција. Ѓулен од 1999 година престојува во Соединетите Американски Држави.