Husamedin Gina
02 Октомври 2020•Ажурирано: 03 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Во Република Северна Македонија синдикалните организации започнале разговори со пратеничките групи во Парламентот со цел изнаоѓање решение за проблемот со покачувањето на цената на електричната енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Конфедерацијата на Синдикални Организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, истакна дека мината недела започнале одредени разговори со пратеничките групи во Парламентот за изнаоѓање решение на ова прашање.
КСОМ попладнево симболично со десетици автомобили одржа протест пред зградата на Владата на Северна Македонија.
„Минатата недела започнаа одредени разговори со пратенички групи во парламентот. Следнава недела повторно продолжуваат преговорите и се надевам дека, значи, конечно кога има преговори ќе најдеме излезно решение за проблемите кој што ги тиштаат граѓаните со електричната енергија“, рече Ристевски и додаде дека на овој протест се со симболичен мал број на луѓе.
Според него, сметките за електрична енергија се многу големи и тоа за граѓаните е неиздржливо.
Потсетуваме, на 31 јули претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија, Марко Бислимоски, соопшти дека цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар се зголемува за 7,42 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат ефтината тарифа во истиот период како и досега.
Оттогаш, седмично се организираат протести во повеќе градови во земјата против оваа одлука.