Seyyid Emin
15 Јули 2020•Ажурирај: 16 Јули 2020
СКОПЈЕ
Во организација на Амбасадата на Република Турција во Скопје, организиран е прием по повод 15 Јули - Ден на демократијата и националното единство на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
На програмата која се одржа во резиденцијата на Амбасадата на Турција во Скопје, учество зедоа амбасадорот на Турција, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Салих Мурат, претставници на турски институции и организации и голем број гости.
Амбасадорот Секизќок во своето обраќање истакна дека изминале четири години од обидот за пуч од страна на терористичката група ФЕТО која претставувала закана за опстанокот на Турција.
Амбасадорот истакна дека секој, како вчера да се случило, се сеќава на моментите од вечерта на 15 јули кога од хеликоптери безмилосно бил отворен оган врз насобраниот народ кој застанал пред пучистите, како и на тенковите насочени кон народот, и додаде:
„Таа вечер, решителниот став на турскиот народ, претставниците на безбедноста и патриотските припадници на Турските вооружени сили, под водство на нашиот претседател беа пресвртна точка за Турција. Турскиот народ без да ги жали своите животи, излезе во пресрет за опстанокот на државата.“
Амбасадорот Секизќок рече дека како и во другите земји од светот, елементите на ФЕТО се инфилтрирани и на Балканот, и истакна дека поради тоа како и досега, ќе ја продолжат својата одлучна борба против елементите на ФЕТО и во странските земји.
Амбасадорот Секизќок својот говор го заврши посакувајќи божја милост и изразувајќи ја својата благодарност за загинатите херои и преживеаните ветерани на 15 јули.
Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Салих Мурат, истакна дека 15 јули претставува точка на пресврт за пријателската и братска Турција, додавајќи дека турската нација и нејзините институции го спречиле пучот и покажале дека суверенитетот ним им припаѓа.
Истакнувајќи дека обидот за пуч е забранет со највисоки законски одредби и за такви настани се доделуваат најтешки казни, Мурат истакна: „Затоа ние во Северна Македонија, и како сонародници и како официјални лица од Северна Македонија, а потоа и нашите сонародници на Северот, во тие моменти бевме на страната на Турција.“
Потенцирајќи дека обидот за државен удар не е извршен само врз Турција како држава, турската нација, туку дека тоа е голем удар врз турскиот свет, Мурат продолжи со зборовите: „Тоа е удар врз угнетените простори, врз духовните простори. Тоа беше голем удар врз сите меѓународни институции и луѓето кои демократски размислуваат. Во тие денови, и пријателската и братска Северна Македонија беше една од оние кои застанаа покрај Турција, вложувајќи големи напори, првенствено од нејзините сонародници.
Како што тие денови се дежураше на улиците и плоштадите во Турција, на различни места и во Северна Македонија се обидувавме да ја раскажеме вистината за случувањата во Турција.“
Мурат истакна дека и Турците кои живеат во Северна Македонија таа ноќ излегле на улиците во заштита на демократијата и ако е потребно, повторно ќе го сторат тоа, додавајќи дека таа секогаш била и во иднина ќе застане во поддршка на Турција.
„Историјата е сведок дека и ние тие денови, како сонародници од Северна Македонија бестрашно застанавме онаму каде што тоа беше потребно. Денес сме на истата точка. Ние дефинитивно ќе бидеме покрај Република Турција, покрај изборот на волјата на турскиот народ и покрај нејзините институции. Ние сме против сите незаконски и антидемократски практики“, рече Мурат.
Во рамките на програмата беше емитувано видео во кое турската младина во Северна Македонија ја рецитира турската химна. Видеото под наслов „10 строфи, 10 града“ е подготвено од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), во знак на почит кон загинатите херои на 15 јули.
На крајот од програмата муезинот од Анкара, Хасан Ќојлу, прочита касида (вид староарапска песна), по која советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје одржа молитва.
По програмата, која беше спроведена во согласност со здравствените протоколи поради епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), беше разгледана изложбата на фотографии изработени од Агенција Анадолија вечерта кога беше изведен обидот за пуч.
- Во Скопје се одржа програма за читање Куран по повод 15 јули - Денот на демократијата и националното единство