Arif Yakıcı
15 Јули 2017•Ажурирај: 16 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 25.000 турски полицајци денеска се задолжени за безбедноста во Истанбул, каде што ќе се организираат бројни настани за одбележување на првата годишнина од обидот за државен удар на 15. јули 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од полицијата на Истанбул е наведено дека по повод 15 јули околу градот се преземаат високи безбедносни мерки.
На истанбулскиот „Мост на загинатите од 15 јули“ се вршат контроли, а за безбедноста во овој град денес се задолжени околу 25.000 полицајци.
По повод првата годишнина од неуспешниот обид за воен удар, кој терористичката организација ФЕТО го изврши во Турција, оваа недела се одржува настанот „Ден на демократијата и националното единство 15 јули“.
Терористичката организација ФЕТО во 70-тите години на минатиот век почна своите поданици да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, со тоа што во 80-те години значително ги зајакна своите паралелни пирамиди во овие институции и на 15 јули, минатата година, изврши неуспешен обид за државен удар со цел да се прекине уставниот поредок и да се собори демократски избраната турска власт.
Обидот за државен удар беше спречен откако стотици илјади граѓани излегоа на улиците на Истанбул, Анкара и во други делови на земјата, и смело и со голи раце застанаа пред тенковите и оклопните возила, со кои пучистите сакаа да ја соборат демократски избраната власт во земјата.
Притоа животот го загубија 250, а беа повредени повеќе од 2.000 лица.