Admir Fazlagic
16 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Во Република Северна Македонија се зголемува бројот на регистрирани случаи на коронавирусот (Ковид-19), а Комисијата за заразни болести ќе одлучува дали ќе има нови рестриктивни мерки, со цел спречување на ширењето на вирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според последниот извештај на Министерството за здравство, во земјата во едно деноноќие се регистрирани 535 случаи на Ковид-19, што е рекорден број на регистрирани случаи на овој вирус во земјата досега.
Податоците на ресорното Министерство покажуваат дека во првите 15 дена од овој месец, регистрирани се повеќе случаи на Ковид-19, од вкупната бројка на регистрирани случаи во првите четири месеци од потврдувањето на првиот случај на Ковид-19 во земјава.
На крајот на февруари во Северна Македонија е регистриран првиот случај на Ковид-19, а до 15 јуни вкупната бројка на заразени со овој вирус во земјава изнесувала 4.157. Од почетокот на октомври досега, бројката на регистрирани случаи на Ковид-19, изнесува 4.209.
Моментално, вкупната бројка на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 22.170, додека вкупната бројка на починати од овој вирус се искачи на 815. Во моментов, бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 4.597.
- Филипче: „Рано е за полициски час, мерките треба да се почитуват повеќе“
Министерот за здравство, Венко Филипче, во телевизиско гостување вчера, говорејќи за актуелната состојба со Ковид-19 во Северна Македонија, истакна дека доколку се почитуваа превентивните мерки, немаше да има ваков скок на новозаразени.
„Свесни сме дека ако тие мерки не се почитуваат треба да има дополнителни рестрикции, тоа би вклучувало рестрикција во јавниот превоз, ограничување на работата на угостителските објекти и одредени економски субјекти, секаде каде што сметаме дека е ризик. Дел од мерките може да бидат таргетирани во некои општини, некои може да важат на територија на целата држава“, рече Филипче, и додаде дека за ова ќе се дискутира на денешниот состанок на Комисијата на заразни болести.
„За полициски час, лично мислам дека е сѐ уште рано, уште има простор повеќе да се почитуваат мерките“, додаде Филипче.
Со порастот на регистрирани случаи на Ковид-19, порасна и бројот на хоспитализирани пациенти во болниците низ целата држава, односно, според последниот извештај на Министерството за здравство, хоспитализирани се 461 пациент.
- „Капацитететот на болниците забрзано се исполнува“
Според министерот Филипче, иако има слободни места во болниците, капацитетот забрзано се исполнува. Тој инфомира дека во последното деноноќие имало огромен број приеми.
Истакнува дека поголем проблем според него е недостигот на доктори и сестри, поради што веќе има списоци за ротации на медицински персонал, а ќе се вклучат и студенти од шеста година за да им помагаат на епидемилозите во реализација на анкетите.
Во врска со резултатите кои произлегле од анализата за смртноста од Ковид-19 во Северна Македонија, министерот Филипче вели: „Најголем процент, над 85 проценти, се лица кои имаат коморбидети и се на возраст од над 60 години, таа најкритична и најризична група. Тука се и пациентите со лоши параметри кои доцна доаѓаат во болница.“