Балкан, Коронавирус

Северна Македонија: Потврдени 5 нови смртни случаи од Ковид-19, бројот на починати порасна на 17

Од Министерството за здравство известија дека за 24 часа регистрирани се 53 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 483 лица

Admir Fazlagic  | 04.04.2020 - Обновена : 05.04.2020
Северна Македонија: Потврдени 5 нови смртни случаи од Ковид-19, бројот на починати порасна на 17

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека се потврдени 5 нови смртни случаи од новиот тип коронавирус (Ковид-19), со што вкупната бројка на починати се искачи на 17. Потврдени се 53 нови случаи позитивни на Ковид-19, со што вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 483 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа двајца пациенти заболени од коронавирусот, жена од Лабуништа (Струга) на возраст од 71 година и маж на возраст од 77 години од Куманово кои беа хоспитализирани во исклучително тешка состојба“, соопшти Министерството за здравство на Северна Македонија.

Институтот за јавно здравје информира за уште два смртни случаи, жител на Велес кој почина пред неколку дена, а неговиот позитивен резултат е докажан посмртно и странски државјанин кој живеел во Скопје четири месеци.

„Министерството потсетува и дека пациентот од Куманово кој почина на 2 април на Инфективната клиника, а чиј позитивен резултат на Ковид-19 беше потврден вчера попладне, како случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде исто така евидентиран во денешниот извештај. Со ова, во денешната статистика се евидентирани 5 починати лица од Ковид-19“, информираат од ресорното Министерство.

Како што соопштуваат, во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 61 пациент, од нив 11 се на механичка вентилација.

Од Министерстовото за здравство известија дека за 24 часа регистрирани се 53 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 483 лица. 

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје - 221, Куманово - 93, Дебар - 49, Штип - 20, Прилеп - 24, Тетово - 17, Струга - 23, Велес - 9, Кочани - 7, Битола, Гостивар и Гевгелија по 4 случаи, Охрид - 3, Кавадарци и Крива Паланка по 2 и во Струмица, 1 случај.

Меѓу другото, од Министерството за здравство информираат дека во изминатото деноноќие направени се 414 тестови, со што досега во земјата се направени вкупно 4.920 тестирања на Ковид-19.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.