Admir Fazlagic
04 Април 2020•Ажурирај: 05 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија (РСМ) објави соопштение во врска со придружувањето на оваа држава кон Одлуката на Советот на Европската унија (ЕУ) за воведување рестриктивни мерки заради, како што се наведува во соопштението „одредени неовластени активности на Турција за бушење/истражување на минерални суровини во Источниот Медитеран", пренесува Агенција Анадолија (АА).
- Северна Македонија се придружи кон ажурираната одлука на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки кон Турција
Во владиното соопштение се наведува дека „Република Северна Македонија како земја кандидат за членство има обврска да се придружува кон заедничките позиции во форма на декларации, изјави и рестриктивни мерки, кои ги усвојува ЕУ со консензус кога станува збор за заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата."
„Имајќи ја таа обврска предвид, Северна Македонија се придружи кон Одлуката на Советот на ЕУ од 11 ноември 2019 со која таа воведе рестриктивни мерки заради одредени неовластени активности на Турција за бушење/истражување на минерални суровини во Источниот Медитеран", се вели во соопштението на Владата на Северна Македонија.
„Во нашата земја сѐ уште не се донесени одлуки за применување на ваквите рестрикции кон конкретни лица или правни субјекти кои имале неовластени активности. Во следниот период ќе бидат спроведени претходни меѓуресорски консултации во врска со спроведување на мерките во домашниот правен поредок", пишува во владиното соопштение во кое се додава:
„Придружувањето кон рестриктивните мерки на ЕУ нема да влијае на билатералните односи на Северна Македонија со Турција, земја со која негуваме исклучително позитивни пријателски односи во повеќе облкасти од интерес на граѓаните на двете држави."