Северна Македонија се придружи кон ажурираната одлука на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки кон Турција
„Во спроведувањето на основната одлука, на барање од страна на ЕУ, Северна Македонија се придружи и кон ажурираната одлука во однос на двете лица", се вели во одоговорот на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија
СКОПЈЕ (АА) - „Северна Македонија се придружи и кон ажурираната одлука во однос на двете лица (директорот и заменик директорот задолжени за истражување во Турската нефтена корпорација – TPAO) кои ќе бидат предмет на рестриктивните мерки", потврдија за Агенција Анадолија (АА) од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија во врска со одлуката на Советот на Европската Унија (ЕУ) со која се воведуваат рестриктивни мерки по однос на „неовластените активности на Турција за бушење/истражување на минерални суровини во Источниот Медитеран.”
Во одредени медиуми во земјата се појавија тврдења за „воведување санкции од страна на Република Северна Македонија против Република Турција" во кои се цитира соопштението на Советот на ЕУ од 31 март во кое се наведува:
„Земјите-кандидатки (за пристапување во ЕУ) Република Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, Исланд, како и Ерменија ќе се приклучат на оваа одлука на Советот. Тие ќе обезбедат дека нивните национални политики ќе бидат во согласност со одлуката на Советот. Ја поздравуваме оваа заложба”.
Со цел точно утврдување на овие наводи и точно појаснување, Агенција Анадолија (АА), упати писмено прашање до Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија во кое побара конкретно појаснување, во врска со тоа „дали постои одлука од страна на Република Северна Македонија со која се воведуваат санкции против Турција?"
Од МНР на Северна Македонија во одговорот за АА истакнуваат дека во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Република Северна Македонија како земја кандидат за членство има обврска да се придружува кон заедничките позиции во форма на декларации, изјави и рестриктивни мерки кои ги усвојува ЕУ со консензус.
„Во рамки на своето редовно придружување кон позициите на ЕУ, во декември 2019, Северна Македонија се придружи кон Одлуката на Советот на ЕУ 2019/1894 донесена на 11 ноември 2019 со која се воведуваат рестриктивни мерки по однос на „неовластените активности на Турција за бушење/истражување на минерални суровини во Источниот Медитеран” ", се вели во одоговорот на МНР на Северна Македонија.
„Со одлуката се воведуваат рестриктивни мерки за спречување на влез или транзит преку територијата на земјите членки на ЕУ како и замрзнување на финансиски средства и други економски ресурси во сопственост на правни или физички лица кои се инволвирани во ваквите активности", стои во одоговорот.
Во одоговорот на МНР се додава дека „основната одлука од ноември 2019 не беше пропратена со анекс на кои лица точно таа ќе се однесува."
„Во февруари 2020 година ЕУ ја ажурираше претходната основна одлука кон која Северна Македонија веќе беше придружена (Одлуката на Советот на ЕУ 2020/275 за рестриктивни мерки по однос на неовластените активности на Турција за бушење/истражување на минерални суровини во Источниот Медитеран) и во анексот беа ставени две физички лица (директорот и заменик директорот задолжени за истражување во Турската нефтена корпорација – TPAO) кои ќе бидат предмет на рестриктивните мерки", велат во писмениот одговор од МНР, во кој се додава:
„Во спроведувањето на основната одлука, на барање од страна на ЕУ, Северна Македонија се придружи и кон ажурираната одлука во однос на двете лица. Со оглед дека од земјите кандидати за членство се бара усогласување на националните политики кон одлуките за рестриктивните мерки кон кои се придружуваат, во тек е меѓуинституционална консултација помеѓу надлежните институции за спроведување на рестриктивните мерки во домашниот правен поредок за двете наведени лица."
Инаку ,во врска со тврдењата запридружување на одлуката на ЕУ за санкции против Турција, реагираа Светскиот Македонски Конгрес (СМК), Движењето за Национално Единство на Турците (ДНЕТ), како и Сојузот на турски невладини организации во Северна Македонија - МАТУСИТЕБ.
„Светскиот Македонски Конгрес смета дека оваа одлука на Владата може да ги наруши одличните македонско-турски билатерални односи, стратешкото партнерство меѓу двете држави Македонија и Турција", се вели меѓу другото во реакцијата на СМК.
Потсетуваме, на 11 ноември 2019 година, Министерството за надворешни работи на Република Турција објави писменото соопштение во врска со плановите на Европската унија (ЕУ) за рестриктивните мерки против Турција, во кое се наведува:
„Покрај сите непромислени чекори на ЕУ, Турција нема да се откаже од бранење на своето право во согласност со меѓународното право во Источниот Медитеран.“
Во соопштението пишува дека „Советот за надворешни работи на ЕУ усвои рамка за рестриктивни мерки против Турција во врска со активостите на дупчење во Источниот Медитеран."
„Залудно очекување е надежта дека нашата земја ќе потклекне на заканите и ќе направи чекор назад од своите права во Источниот Медитеран. Никој да не се сомнева дека нема да продолжиме на ист начин со нашите активности за пребарување и дупчење на Источниот Медитеран“, се нагласува во ова соопштение.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
