Admir Fazlagikj
23 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука од петок, 26 јуни 2020 година, целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Владата денеска донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни", соопшти Владата на Северна Македонија.
На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26 јуни, угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа.
Од петок, 26 јуни 2020 година, се дозволува и работата на теретаните и вежбалните, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
„За сите овие одлуки до петок, 26 јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки", информира Владата.
Потсетуваме, Владата на Северна Македонија од 16 март со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19) донесе одлука да се затворат сите гранични премини во земјата.
Здравствените власти соопштија дека во Република Северна Македонија во последните 24 часа се потврдени 118 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупниот број на заразени со овој вирус во земјата се искачи на 5.311. Според соопштението на Министерството за здравство, регистрирани се 4 смртни случаи, со што вкупната бројка на починати лица од Ковид-19 порасна на 251.
Во моментот, бројот на активни случаи со овој вирус во земјата изнесува 3.012.