Ekip
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
БРИСЕЛ (AA) - Функционерите на Европската Унија остро ја критикуваат антимигрантската политика на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата најава за изградба на ѕид на границата со Мексико, а истовремено на границите на Европската Унија веќе има изградено 12 ѕидови со бодликава жица за Европа да се „заштити“ од доаѓањето на бегалците кои бегаат од војните, сиромаштија и насилството што ги зафатија нивните земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Најавата на Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико и одлуката за привремена забрана за влегување во САД за државјаните од седум земји со мнозинско муслиманско население наиде на остри критики во САД и во целата меѓународната заедница.
Остри критики упатува и официјален Брисел, од каде што европската комесарка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини порача дека никому не смеат да му се одземаат права и слободите поради неговото место на раѓање, ниту според верското, етничкото или кое било друго потекло.
„Сите ние сме луѓе и тоа е нашиот идентитет. Ние сме оние што слават кога се рушат ѕидовите на разделување“, рече претходно Могерини и на американскиот претседател Трамп му порача дека со изградбата на ѕид на границата со Мексико, својата земја ќе ја претвори во затвор.

Европскиот парламент одржа посебна седница на која е расправано за контроверзните одлуки на Трамп, а лидерите на политичките групи во таа пригода остро го критикуваа Трамп и го нарекоа дискриминатор и разделувач.
Без оглед на критиките што на сметка на Трамп ги упатуваат сите институции на ЕУ, истата таа Унија веќе спроведува политика што не се разликува од она што го најавува Трамп. Иако комесарката Могерини тврди дека ЕУ е против и дека не гради ѕидови на разделување, ЕУ подигна ѕидови со бодликава жица и тоа на јавноста ѝ е познато. Три такви ѕида се подигнати во Унгарија, два во Шпанија и по еден во Бугарија, Грција, Франција, Австрија, Словенија, Естонија и во нечленката на Унијата, Македонија.
Сите тие ѕидови на границите се подигнати со цел заштита на Европа од доаѓањето на мигрантите од земјите зафатени со војна, сиромаштија и насилство.
- Шпанија
Првиот ѕид на границата го подигна Шпанија, уште во 1993 година, и со него ја огради својата територија Сеута на африканскиот континент. Првобитно се работеше за бодликава ограда долга 8,4 километри и висока три метри, а таа во 2005 година беше продолжена на 11 километри, со висина од шест метри.
Изградбата на тој ѕид ја плати Европската Унија, во полн износ од 33 милиони евра, а на оградата се инсталирани специјални системи со надзорни камери. Голем број африкански мигранти се повредени при обидот за преминување или при провлекувањето низ таа ограда.
ЕУ потоа подигна сличен ѕид на границата во местото Мелила, а сега од друга страна таа ограда ја чуваат мароканските сили за безбедност. И тој ѕид има намена да ги спречи мигрантите од сиромашните субафрикански региони на патот кон Европа.
- Бугарија и Грција
Грција и Бугарија на ист начин од 2012 година подигаат бодликава жица на границата со Турција. Таков ѕид е изграден долж 146 километри на бугарско-турската граница.
- Македонија
Со цел да се спречи влезот на мигрантите на таканаречената „балканска рута“, бодликави огради се подигнати и во Македонија, на границата со Грција, каде што се ангажирани и македонските безбедносни сили.
- Унгарија
Како еден од најгласните противници на доаѓањето на бегалците во Европа, Унгарија, на својата граница со Србија и со Хрватска започна да крева огради пред две години. Унгарија првин затвори 175 километри долж границата со Србија, поставувајќи три метри висока ограда, а кога мигрантите тргнаа кон Хрватска, тоа го направи и долж 120 километри од границата со оваа соседна земја.
Главниот советник на унгарскиот премиер, Ѓорѓи Баконди кон крајот на минатиот месец најави дека унгарската граница ќе биде дополнително обезбедена со надзорни системи и со подигнување на уште повисоки и уште подолги огради.
- Словенија и Австрија
Словенија и Австрија, уште две земји на рутата по која мигрантите се обидуват да дојдат до западноевропските метрополи, исто така подигнаа жичени огради за да ја затворат таа рута која во јавноста се нарекува „пат на надежта“.
- Франција и Естонија
Франција таква ограда подигна на границата со Велика Британија, а Естонија тоа го направи за да го спречи доаѓањето на мигрантите од правец на Русија.
- Симболични ѕидови
Покрај наведените физички ѕидови и бариери на границите, Европската Унија подигна и многу симболични ѕидови во вид на договори со соседните земји, во заедничката борба за запирање на мигрантскиот бран. Така, официјален Брисел по итна постапка одлучи да го оживее процесот на приклучување на Турција, кој фактички беше замрзнат пред мигрантската криза.