Fuat Kabakçı
15 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
ПЕКИНГ (АА) - Кинеските власти прогласија жолт аларм којшто предупредува на опасен степен на загадување на воздухот во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Најнаселената земја на светот, Кина, се бори со големо загадување на воздухот, а во Пекинг е на сила жолтиот аларм. Во последните два дена, нивото на честичките ПM2,5 е зголемено, односно изнесува над 150 микрограми по кубен метар.
Честичките во воздухот од 2,5 микрометри се особено опасни, бидејќи можат да се вдишат во белите дробови и да предизвикаат разни респираторни проблеми и болести. Алармот ќе биде на сила до утре, а привремено се запрени и сите градежни работи во градот.
Поради високото ниво на загаденост на воздухот во Пекинг, на децата, постарите лица и на лицата што имаат проблеми со респираторните органи им се препорачува да не ги напуштаат своите домови, а на оние што мораат да излезат надвор, им се советува активностите да ги намалат на минимум.
Од вкупно 161 град во Кина, во 23 воздухот е многу загаден, а повеќе од 20 милиони лица боледуваат од астма. Министерствтоо за заштита на околината на Кина од денес до 15 март ќе ангажира 260 службеници, кои во 18 градови ќе работат на контролата на загадувањето на воздухот, со испитување на најчестите причини за загадувањето, како и превенција.
Во зависност од степенот на загадувањето на воздухот во Кина, се прогласува аларм кој може да биде: син, жолт, портокалов или црвен.