Admir Fazlagic
25 Август 2018•Ажурирај: 26 Август 2018
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, вели дека е за разграничување, бидејќи смета дека „Голема Албанија" може да се запре само на тој начин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што пренесоа српските медиуми, одговарајќи на новинарско прашање дали поддржува „корекција на границата или не“, министерот Вулин истакнал дека тој е за разграничување.
„Јас сум за разграничување. Ако мене ме прашувате, јас тука немам никаква дилема. „Голема Албанија“ може да се запре само на тој начин“, нагласи Вулин, истакнувајќи дека разграничувањето го запира ширењето на „Голема Албанија“.
Запрашан да прокоментира за тоа кој сигнал треба Србија да го следи кога станува збор за „територијални корекции" - американскиот или европскиот, имајќи ги предвид искажаните ставови на Ангела Меркел и на советникот на Трамп, Болтон, Вулин вели дека Србија треба да го следи својот сигнал.
„Ние треба да го следиме својот сигнал, она што е добро за српскиот народ, она што е добро за Србите. Јас сум многу задоволен поради тоа што американската администрација очигледно ја разбира реалноста и сфати дека мешањето не е пат, и разбира дека е одрлжив единствено договорот што ќе се постигне помеѓу оние што ќе живеат тука, а ние ќе живееме тука следните векови“, рече Вулин.
Според неговите зборови, секое наметнато решение, секое решение што се наметнува со сила, не е одржливо решение и порано или подоцна ќе предизвика судири, војни и поделби.
„Ако ние се договориме, ако најдеме договор, а големите сили го прифатат, тогаш тоа говори дека решението може да биде одржливо и дека одиме кон стабилност на Балканот, што е нешто што не го доживеавме во изминатите векови", нагласи Вулин.
Последната дебата околу можната демаркација на моменталните граници произлезе откако претседателот на Косово, Хашим Тачи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакнаа дека можат да земаат во предвид такво нешто како еден дипломатски излез во дијалогот меѓу двете земји.
За постигнување на конечно решение и взаемно признавање меѓу двете земји, и членството на Косово во меѓународните организации, претседателот на Косово, Тачи, рече дека никој не би се спротивставил на такво нешто да постоеше билатерален договор во рамките на дијалогот, инсистирајќи дека се работи за корекција на границата, а не размена на територии.
„Не за поделба на Косово, не за размена на територии, туку обединување на Прешево, Медвеѓа и Бујановац со Косово, во рамки на корекција на границата меѓу Косово и Србија, во процесот на дијалогот за нормализација на меѓудржавните односи на мирен начин“, истакна Тачи на социјалните мрежи.