Edıta Zekjırovıc
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија ја промовираше бескаматната кредитна линија „Ковид 4“, што е дел од шестиот пакет антикризни мерки (во износ 10 милиони евра), за помош на граѓаните, јавува Агенција Анадолија (АА).
По тој повод, во Владата се одржа прес-конференција на која се обратија вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, и директорот на Развојната банка, Кире Наумов.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека „Ковид 4“ бескаматната кредитна линија, што денес ја промовираат, изнесува 615 милиони денари или околу 10 милиони евра и дека со оваа линија ќе бидат поддржани микро, малите и средните претпријатија од најпогодените сектори од пандемијата на Ковид-19.
„Од таргетираните дејности во делот на кредитокорисниците се занаетчиите кои плаќаат давачки на реален приход, трговците поединци и приватните здравствени установи. Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработените и падот на приходите и може да изнесува од 900 евра до 9 илјади евра. Роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс период“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, додаде дека значајно во однос на поддршката за фирмите е тоа што Владата пред две недели презентирала и потпишала договор со Европската инвестициска банка за 100 милиони евра погодна кредитна линија, што исто така ќе се реализира преку Развојната банка, односно со вклученост и на комерцијалните банки. Исто така, истакна дека дополнително ќе се поддржат стопанските субјекти со гарантниот фонд што гарантира кредити до 500 илјади евра на микро, малите и средните претпријатија.
„За кредит од бескаматната кредитна линија „Ковид 4“ може да аплицираат: субјекти кои не користеле средства од првата мерка од петтиот економски сет, односно мерката за финансиска поддршка за плати за февруари и март преку Управата за јавни приходи. Понатаму, субјекти кои не користеле кредит од „Ковид 3“ од Развојната банка и субјекти кои користеле кредит од Ковид 1 или Ковид 2, но немаат неизмирени достасани обврски на денот на аплицирање, односно со пресек 15 јули“, изјави директорот на Развојната банка, Кире Наумов.
Максималниот износ на кредитот од „Ковид 4“ изнесува 30 илјади евра, додека минималниот изнесува 3 илјади евра. Аплицирањето започнува од 15 јули од 9 часот, а јавниот повик ќе трае 20 дена.
„Корисниците на кредитот „Ковид 4“ ќе можат да користат и грант-компонента од 20% до 50%, и тоа: субјектите кои успеале во 2021 година да го зголемат бројот на вработени во однос на 2020 година за најмалку 5% ќе имаат право на грант од 20%. Субјектите кои успеале во 2021 година да ги зголемат вкупните приходи за најмалку 10% во однос на 2020 година имаат право на грант од 30% и врз основа на тоа субјектите кои успеале да го зголемат и бројот на вработените најмалку за 5% и вкупниот приход најмалку за 10% ќе имаат право на грант од 50%“, додаде Наумов.
Бескаматната кредитна линија „Ковид 4“ е дел од шестиот пакет антикризни мерки, што на најпогодените сектори, меѓу кои се туризмот, угостителството, приватните здравствени установи и трговците поединци, им овозможува услови за побрзо закрепнување од последиците на глобалната криза.