Admir Fazlagic
27 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Република Северна Македонија информира дека се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус (Ковид-19) во земјата. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирусот изнесува 219 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје - 11, Прилеп - 4, Куманово - 2, Тетово - 1. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирусот изнесува 219 лица", се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Според местото на живеење, досега случаи на коронавирусот се регистрирани во: Скопје (134), Дебар (43), Куманово (17), Штип (8), Прилеп (6), Охрид (3), Велес (3), Кавадарци (2) ,Тетово (2) и Гостивар (1), информираат од ресорното министерство.
Потсетуваме, од 22 март, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21 до 05 часот.
Исто така, Владата на Северна Македонија донесе одлука за измени и дополнувања на забраната за движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на деновите на викендите. Одлуката се однесува на забрана за движење во деновите на викендот, односно сабота и недела, од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.