Балкан

Северна Македонија: Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 се искачи на 430

Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека во изминатите 24 часа регистрирани се 46 нови случаи на Ковид-19 во земјата. Со ова вкупната бројка на досега дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 430 лица

Admir Fazlagic  | 03.04.2020 - Обновена : 03.04.2020
Северна Македонија: Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 се искачи на 430

СКОПЈЕ

Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека во изминатите 24 часа регистрирани се 46 нови случаи на Ковид-19 во земјата. Со ова вкупната бројка на досега дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 430 лица, додека вкупната бројка на потврдени смртни случаи изнесува 11, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Што се однесува до бројката на заразени лица од коронавирусот (Ковид-19) по градови, според податоците на Министерството за здравство, половина од новите случаи се регистрирани во градот Куманово, односно 23 случаи. Во Скопје се регистрирани 13 нови случаи, по два случаи се регистрирани во Дебар, Тетово, Велес и Гевгелија, додека по еден нов случај е регистриран во Прилеп и Гостивар.

Со вкупно 208 потврдени случаи, во главниот град на Северна Македонија, Скопје, се регистрирани речиси половина од вкупно 430-те случаи во земјата. Значителен вкупен број случаи се регистрирани и во Куманово (85) и Дебар (49), додека помалку случаи се регистрирани во речиси сите градови во земјата.

Министерството за здравство информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, со два контролни негативни теста на Ковид-19 се испишани тројца пациенти кои се во добра здравствена состојба и тие заминуваат дома, со што вкупната бројка на излекувани пациенти се искачи на 20.

Според соопштението од ресорното Министерство, во изминатото деноноќие се направени 389 теста, со што досега во земјата се направени вкупно 4.506 тестирања на Ковид-19.

Министерството за здравство информира дека меѓу потврдените случаи од Куманово има нови потврдени здравствени работници позитивни на Ковид-19 од болницата во Куманово, за кои министерот за здравство, Венко Филипче, дополнително ќе информира на редовната прес-конференција.

Потсетуваме, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21:00 до 05:00 часот. Исто така, во деновите на викендот, во сабота и недела, забрането е движење на населението од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.