Husamedin Gina
29 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека на Клиниката за инфективни болести од Ковид-19 починале уште 2 лица, со што бројката на починати лица во земјата се зголеми на 6, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На Клиниката за инфективни болести во Скопје починаа уште 2 лица. Еден пациент на 91-годишна возраст кој беше хоспитализиран осум дена и рано утрово еден пациент на 31-годишна возраст чија клиничка слика беше тешка“, нагласи министерот Филипче на денешната прес-конференција, упатувајќи сочувство до семејствата на починатите.
Министерот истакна дека во изминатите 24 часа регистрирани се 18 нови случаи, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во Северна Македонија се искачи на 259.
Тој исто така рече дека на Инфективната клиника во Скопје примени се 3 пациенти од Скопје и Куманово и дека во моментот хоспитализирани се 49 пациенти, од кои 7 пациенти се со потешка клиничка слика.
Според Филипче, во наредните 2 до 3 дена можно е 7 пациенти, кои се излекувани и кај кои тестот за Ковид-19 е негативен, да бидат пуштени дома.
„Двајца од пациентите на Клиниката во Скопје веќе имаат втор негативен тест, а за уште 5 други, второто тестирање се планира во текот на утрешниот ден, така што за период од 2 до 3 дена потенцијално ќе може 7 пациенти да бидат на домашно лекување“, нагласи Филипче.
Осврнувајќи се на пандемијата која го зафати целиот свет, тој упати порака до граѓаните:
„Влегуваме во вториот месец од борбата со оваа пандемија, која целосно го промени животот, донесе страв, донесе несигурност кај сите. Пред нас е најтешкиот период, период во кој бројот на заболени ќе расте, ќе расте и во светот, ќе расте и кај нас. Ни претстои и период, во кој, за жал ќе расте и бројот на починати, за ова мора сите да бидеме свесни.“
Министерот Филипче нагласувајќи дека денеска почина еден млад човек, рече дека вирусот е сериозна закана и дека сите граѓани треба да се однесуваат претпазливо и одговорно.