Балкан

Сали, оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Брунер

- „Посебно внимание им беше посветено на имплементацијата на Системот за влез и излез на ЕУ и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот.“ се наведува во соопштението од Министерството за европски прашања

Dzihat Aliju  | 27.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
Сали, оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Брунер

СКОПЈЕ (АА) - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, пренесува Анадолу.

Според соопштението од Министерството за европски прашања, на средбата се разгледани клучните прашања поврзани со процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против организираниот криминал.

На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата за продолжување на реформите во рамките на кластерот „Основи“, со посебен фокус на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на фундаменталните права.

Според соопштението, министерот Сали ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон исполнување на отворачките мерила и одржување на реформскиот моментум.

„Посебно внимание им беше посветено на имплементацијата на Системот за влез и излез на ЕУ и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот. Министерот Сали ја истакна потребата од прагматично и пропорционално решение што ќе ја зачува економската стабилност и ќе обезбеди непречено функционирање на синџирите на снабдување, имајќи предвид дека Северна Македонија е земја што целосно зависи од патниот транспорт“, се наведува во соопштението.

Во делот на миграцијата и граничното управување беше нагласено дека Северна Македонија останува сигурен партнер на Европската Унија, со целосна имплементација на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и активно учество во заедничките операции, се наведува во соопштението.

„Двајцата соговорници ја потврдија важноста од продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и шверцувањето мигранти, како и зајакнување на размената на информации и оперативната координација. Првиот заменик- претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ја реафирмираше определбата на Северна Македонија за целосно усогласување со европските стандарди и продлабочување на институционалната соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ“, се вели во соопштението.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.