Abdula Berisha
09 Ноември 2022•Ажурирај: 10 Ноември 2022
ТЕТОВО (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, увери дека болниците и сите здравствени установи во земјата нема да бидат погодени од евентуалното влошување на енергетската криза, јавува Агенција Анадолија (AA).
Одговарајќи на новинарски прашања во болницата во Тетово, каде што министерот Сали присуствуваше по повод доделувањето на донацијата на медицинска опрема од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), рече дека нема да има недостиг од струја за здравствените установи или проблеми со затоплувањето на зградите.
„Здравствениот сектор е меѓу најголемите потрошувачи во државата и со одлука на Владата на Република Северна Македонија е гарантирано дека здравствениот сектор е примарен во обезбедувањето енергија, електрична и топлинска“, нагласи Сали.
Истовремено, тој ги повика директорите на здравствените установи и вработените во здравството да штедат струја, наведувајќи дека „ако енергија е обезбедена, не треба да се троши без штедење“.
Сали истакна дека во текот на месец септември е остварена заштеда од 9 проценти на државно ниво.
Министерот беше прашан и за операционализацијата на новата зграда на Итната служба на Клиничката болница во Тетово, за која рече дека по 12 години очекува оваа зграда да биде пуштена во употреба во февруари следната година.
Тој изјави дека сите подготовки за функционализација на објектот одат во насока на негово снабдување со опрема која ќе биде најсовремена во земјата.
Сали нагласи дека пред две недели е потпишан договор со Светска банка за набавка на опрема која ќе биде обезбедена до 31 декември, додека инсталацијата на оваа опрема ќе се изврши во текот на месец јануари.
Зборувајќи за отстранувањето на остатоците од модуларната болница во Тетово, која беше зафатена од пожар во септември минатата година, при што животот го загубија 14 пациенти заразени со коронавирусот, Сали рече дека доцнењето се случува како резултат на почитување на сите постапки, како што се добивање дозвола од Обвинителството, а потоа спроведување на постапката за јавна набавка.
Во оваа насока, директорот на Клиничката болница во Тетово, Амир Елези, истакна дека во моментов постапката е во фаза на разгледување на понудите и дека наскоро ќе биде избрана фирмата која ќе ги отстрани остатоците од опожарената модуларна болница.
Елези, исто така, рече дека предвидуваат поставување спомен-плоча за жртвите од настанот.