Husamedin Gina
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, ги повика сите граѓани да се вакцинираат против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Сали одржа средба со поглаварите на верските заедници по повод почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот и потенцирањето на важноста на имунизацијата против Ковид-19.
На средбата присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква г. г. Стефан, реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир ефенди Фетаху, бискупот на Католичката црква на Северна Македонија г. Киро Стојанов и претседателот на Еврејската заедница во Северна Македонија, г. Пепо Леви.
На прес-конференцијата одржана по средбата, министерот Сали, истакна дека е почестен од присуството на верските поглавари кои уживаат голема почит и верба од нивните верници, и дека посакува на заеднички начин да упатат апел до секој граѓанин за да ја сфати сериозно потребата од вакцинација.
Заблагодарувајќи се на челниците на верските заедници за оваа благодарна иницијатива, министерот за здравство порача:
„Уште еднаш сакам да ве повикам сите да се вакцинирате, убеден сум дека ова е најбезбедниот начин за заштита од ширење на вирусот, но и единствениот начин за спречување на ширење на инфекцијата.“
Поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан, наведувајќи дека се приклучуваат на апелот упатен до верниците да се придржуваат на мерките што институциите задолжителни за грижа на здравјето ги упатуваат, рече дека е подобро нешто да се спречи, отколку да се лекува.
Реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир ефенди Фетаху, истакна дека Исламската верска заедница (ИВЗ) во секој момент апелира до граѓаните вакцинацијата да ја сфатат сериозно затоа што тоа е одлука на Светската здравствена организација (СЗО).