Балкан

Муцунски: Наскоро очекуваме склучување договор за стратегиско партнерство со Хрватска

- „Во најава имаме договор за стратегиско партнерство со Хрватска. Разговараме за билатерален договор меѓу двете држави, кој е сличен на договорите што ги имаме со Унгарија и со Обединетото Кралство“, истакна министерот

Dzihat Aliju  | 27.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
Муцунски: Наскоро очекуваме склучување договор за стратегиско партнерство со Хрватска

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, кажа дека наскоро очекуваат склучување договор за стратегиско партнерство со Хрватска, пренесува Анадолу.

Муцунски во телевизиска програма во контекст на посетата на хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман говореше за билатералните односи со Хрватска, осврнувајќи се на постојните стратегиски договори со Обединетото Кралство и Унгарија, како и на најавата за нов договор за стратегиско партнерство со Хрватска.

„Во најава имаме договор за стратегиско партнерство со Хрватска. Тоа го најавивме и двајцата на заедничката прес-конференција. Разговараме за билатерален договор меѓу двете држави, кој е сличен на договорите што ги имаме со Унгарија и со Обединетото Кралство“, истакна министерот Муцунски.

Шефот на македонската дипломатија информираше дека во моментов се водат разговори за финализирање на процесот на создавање стратегиско партнерство меѓу двете држави, кое ќе опфати повеќе области, меѓу кои економијата, трговијата, безбедноста и енергетиката.

Тој ја посочи Хрватска како „ментор во евроинтегративниот процес“ на државата, нагласувајќи ги нејзината политичка поддршка и техничка помош.

Во однос на стратегиското партнерство со Обединетото Кралство, министерот посочи дека, во согласност со информациите од надлежните институции, активно се работи на реализација на проектот за брзата пруга, како и на проекти поврзани со системот на јавното здравство.

Осврнувајќи се на договорот со Унгарија, Муцунски нагласи дека преку ова стратегиско партнерство се реализираат повеќе проекти, особено во инфраструктурата, при што договорот претставува значајна алатка и во насока на подобрување на јавниот транспорт.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.