Edıta Zekjırovıc
20 Јули 2022•Ажурирај: 21 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, одржа прес-конференција на која информира дека се во тек надзори и други активности со цел утврдување и проверка на информациите поврзани со документарниот филм објавен од страна на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата, покрај министерот за здравство Сали, присуствуваа и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), д-р Иринка Сотирова Бухова, директорот на Агенцијата за лекови – МАЛМЕД, Лирим Шабани и претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Сали на прес-конференцијата истакна дека „никој не е над законот, ниту има недопирливи“, но дека е потребно соодветно време за да се истражи случајот.

„Во моментов додека трае оваа прес-конференција се одвива работен состанок во МАЛМЕД со стручната служба и претставници на Клиничката болница „Жан Митрев“, во однос на изнесените наоди во случајот дека се вршени клинички испитувања врз пациенти кои се лекувале во болницата и дали тие се вршени во согласност со важечките прописи. Во тек се активности во Лекарската комора во однос на вршењето на стручниот надзор и ги очекувам информациите поврзани со случајот „Брезев““, изјави Сали.
На новинарско прашање, зошто на Клиниката било дозволено да се користи хемофилтрација на пациенти болни од Ковид-19 без соодветна индикација и во многу рана фаза, Сали истакна дека стручно тело ќе изврши надзор и ќе укаже дали и кога се извршени хемофилтрациите и дали тие довеле до компликации кај пациентите.
„Во делот на хемофилтрација како метода, тоа е метода која веќе постои и се користи во одредени клиники. Кардиохирургијата кај нас ја користи како метода. КАРИЛ, исто како метода ја познава. Методата не е нова, прашањето е дали и кога се користела во „Жан Митрев“, тука да се фокусираме повеќе. Стручно тело треба да види и укаже дали и кога се користела и дали таа метода при користење во рана фаза, условно кажано, кај лесни случаи е ризична за животот на пациентите, дали била причина за компликација на состојбата на пациентите“, појасни Сали.
Инспекциски надзор е покренат и од Агенцијата за лекови – МАЛМЕД, во врска со тоа дали е испочитувана постапката за клиничко испитување на хемофилтрацијата како метод за лекување на Ковид-19, а директорот на Агенцијата за лекови – МАЛМЕД, Лирим Шабани, на прес-конференцијата истакна дека е логично да се даде време за да се утврди сѐ според протоколите, прописите и законите.
„Никој не вели дека имало потврдено клиничко испитување или спротивното, дека немало клиничко испитување. Ние велиме тоа што го вели законот – ако некој развива какво било клиничко испитување без одобрение, тоа се санкционира со закон, а за да се санкционира со закон треба да се утврди. Ги викнавме луѓето, како што е по процедурата, да достават документација. Агенцијата за лекови прати инспекција пред да се објави документарецот, им дадовме пет дена рок да достават документација, до вчера попладне доставија дел од документацијата, денеска се дојдени за објаснување. Закажана е Комисија за клинички испитувања, а ќе заседава и Етичка комисија“, истакна директорот на МАЛМЕД, Шабани.
Говорниците на прес-конференцијата посочија дека случајот нема да биде заборавен и побараа трпение од јавноста со цел случајот да биде соодветно истражен.
Инаку, ИРЛ пред три дена објави истражувачки документарен филм ,„Нечиста крв“, во кој постојат сведоштва на семејства на пациенти дека во Клиниката „Жан Митрев“ имало бројни пропусти при лекувањето на пациенти од Ковид-19 и наводи дека Клиниката не приложила податоци за интрахоспиталните бактериски инфекции кај пациентите.
Покрај тоа, се наведува и дека „Клиниката ја користела хемофилтрацијата на крвта како метод за лекување на Ковид-19 во клинички испитувања, за кои не биле информирани семејствата на пациентите и надлежните институции“.
Од Клиниката „Жан Митрев“ преку соопштение реагираа дека се работи за невистини и дека е „очигледно дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на Клиничката болница „Жан Митрев“.“
По објавувањето на документарниот филм на ИРЛ, Основното јавно обвинителство информира дека оформило предмет врз основа на инструментот „по допрен глас“ за пропустите при работењето на Болницата „Жан Митрев“.