Zylfije Adem Jakupi
28 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
ПРИШТИНА (АА) - По повод постигнувањето на договорот за личните документи меѓу Косово и Србија, вчера се огласија претседателката на Косово, Вјоса Османи, и премиерот Албин Курти, истакнувајќи дека реципроцитетот е решение, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Османи со пораката „Реципроцитет и еднаквост“, наведе дека слободата на движење е основата на демократските друштва и европските вредности.
„Косово со секој нареден ден сѐ повеќе придонесува за мирот и стабилноста“, наведе Османи.
Таа им се заблагодари на САД и ЕУ за нивната поддршка.
„Несопирливо ќе ја продолжиме нашата посветеност кон меѓународното признавање“, порача претседателката на Косово.
Премиерот Курти истакна дека принципиелните решенија треба да бидат во духот на реципроцитетот.
„Принципиелните решенија треба да бидат во духот на реципроцитетот. Минатата недела за „Die Welt“ зборував за нашите реципрочни мерки за автомобилските регистарски таблички и влезно/излезните документи со Србија, но говорев и за нашата млада и квалификувана работна сила, борбата против корупцијата и јакнењето на демократијата“, нагласи Курти.
Претходно високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел објави дека Косово и Србија постигнале договор за личните документи.
Борел објави дека Србија се одлучила да ги укине излезно влезните документи за лицата кои во Србија влегуваат со косовски лични карти, додека Косово се согласило да не ги воведува за носителите на српските лични карти.
Борел на социјалната мрежа Твитер наведе дела „косовските Срби, како и сите останати граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија користејќи ги своите лични карти“ и додаде дека ЕУ за тоа добила гаранции од премиерот Курти.
Меѓународната заедница, ЕУ и САД, посредуваат со цел да не се создадат тензии по 31 јули, кога локалното српско население ги блокираше патиштата во северниот дел на Косово поради мерките на косовската Влада да воведе реципроцитет на документите од Србија и пререгистрација на српските автомобили со ознаки на градовите во Косово што Србија ги издаде за РКС-табличките. Патиштата беа одблокирани кога косовската Влада ја одложи примената на одлуката за 1 септември.