Zylfije Adem Jakupi
28 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
ПРИШТИНА (АА) - Косово и Србија вчера постигнаа договор за личните документи, соопшти високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Борел објави дека Србија се одлучила да ги укине потребните документи за лицата кои во Србија влегуваат со косовски лични карти.
„Во рамките на Дијалогот со поддршка на ЕУ, Србија се сложи да ги укине документите за влез/излез на носителите на косовски лични документи, а Косово се сложи да не ги воведува за носителите на српски лични карти“, објави Борел на социјалната мрежа Твитер.
„Косовските Срби, како и сите останати граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија користејќи ги своите лични карти“, наведе Борел во својата објава.
Во текстот Борел додаде: „ЕУ токму за тоа доби гаранции од косовскиот премиер Курти.“
Меѓународната заедница, ЕУ и САД, посредуваат со цел да не се создадат тензии по 31 јули, кога локалното српско население ги блокираше патиштата во северниот дел на Косово поради мерките на косовската Влада да воведе реципроцитет на документите од Србија и пререгистрација на српските автомобили со ознаки на градовите во Косово што Србија ги издаде за РКС-табличките. Патиштата беа одблокирани кога косовската Влада ја одложи примената на одлуката за 1 септември.