Tevfik Durul
26 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
АТИНА (АА) - Во скандалот што изби откако Националната разузнавачка агенција (EYP) ги прислушувала телефоните на политичар и новинар во Грција, опозицијата побара оставка од премиерот Кирјакос Мицотакис, а Владата, пак, соопшти дека земјата е цел на „внатрешни и странски сили кои сакаат нестабилност“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На седница на грчкиот Парламент се дискутираше за скандалот со прислушувањето на телефоните на Никос Андрулакис, лидерот на третата по големина партија во земјата, ПАСОК и пратеник во Европскиот парламент, и новинарот Танасис Кукакис, од страна на Националната разузнавачка агенција (EYP), која е поврзана со Владата.
Во обраќањето пред Парламентот, Мицотакис, бранејќи ја Агенцијата за разузнавање на земјата, нагласи: „Таа врши многу важна работа. Има голем број успеси кои не се објавени. Не можеме да ги објавиме тајните билтени на ЕЈП поради транспарентност. Има сили внатре и надвор од земјата кои сакаат нестабилна, слаба Грција. Нема да дозволам грешката да се претвори во политичка криза.“
Наведувајќи дека откако бил информиран за инцидентот со прислушувањето, не се двоумел да каже дека тоа не е во ред, Мицотакис не одговори на прашањата зошто телефонот на Андрулакис бил прислушуван три месеци пред да биде избран за претседател на ПАСОК.
Алексис Ципрас, лидерот на главната опозициска партија СИРИЗА, упатувајќи повик Мицотакис да поднесе оставка, рече: „Вие дадовте наредба да се прислушуваат телефонските разговори на Андрулакис. Вашата цел е однапред да ги знаете случувањата во ПАСОК.“
Нагласувајќи дека Мицотакис го „жртвувал“ својот внук, генералниот секретар на премиерот, Григорис Димитриадис, и претседателот на ЕЈП, Панајиотис Контолеон, кого го назначи самиот, Ципрас подвлече: „Ја засрамивте земјата на меѓународно ниво. Дали Андрулакис е агент на странски сили? Дали претставува опасност за националната безбедност? Обврзани сте да дадете одговор.“
- Скандал со прислушкување
Откриено е дека ЕЈП ги прислушувала телефоните на Андрулакис и новинарот Кукакис со шпионската апликација „Предатор“.
Претседателот на ЕЈП, Контолеон, поднесе оставка поради „невнимание во процесот на собирање информации“. Димитриадис, генералниот секретар, „десната рака“ и внук на премиерот Кирјакос Мицотакис, исто така поднесе оставка под обвинение дека имал комерцијални врски со компанија за шпионскиот софтвер.
Мицотакис во изјавата по избивањето на скандалот, рече: „Тоа е погрешно. Не знаев; да знаев, никогаш немаше да го дозволам тоа.“
Од друга страна, грчките медиуми тврдат дека има информации дека барањето да се прислушкува Андрулакис е дојдено „од разузнавачките агенции на Украина и Ерменија“.
Ова тврдење е демантирано од наведените земји.