Tuba Onğun
26 Август 2022•Ажурирај: 27 Август 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за финансии, Нуредин Небати, денеска изјави дека деловните кругови не треба да бидат загрижени од предупредувањето за можните санкции на САД за компаниите кои соработуваат со санкционираните руски бизниси, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бесмислено е тоа дека писмото испратено до турските деловни организации може да предизвика загриженост во нашите деловни кругови“, напиша Небати на Твитер.
Минатата недела, американското Министерство за финансии испрати писмо до Турската асоцијација за индустрија и бизнис (TUSIAD) и Министерството за финансии за да ги предупредат турските бизниси дека Русите се обидуваат да ги избегнат западните санкции преку Туркије.
„Задоволни сме што гледаме дека САД, нашиот сојузник и трговски партнер, ги покануваат своите бизниси да инвестираат во нашата економија“, рече Небати.
Истакнувајќи дека Туркије придава големо значење на вложувањето заеднички напори и зајакнувањето на соработката со своите сојузници против глобалните и регионалните предизвици, Небати рече:
„Решени сме да ги унапредиме нашите економски и комерцијални врски со нашите соседи, особено во областа на туризмот и различни сектори во рамки кои не подлежат на санкции.“
„Сите играчи на турската економија се посветени на принципите на слободната пазарна економија. Таа се обидува да го зголеми уделот во глобалната трговија“, додаде тој.