Fatjon Cuka
26 Август 2022•Ажурирај: 28 Август 2022
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, кој престојува во официјална посета на Албанија, со државна церемонија беше примен од премиерот Еди Рама, јавува Агенција Анадолија (AA).
Официјалната церемонија за прием на премиерот на Луксембург се одржа на булеварот „Маченици на нацијата“ во Тирана, пред седиштето на премиерот на Албанија. По средбата, Рама и Бетел одржаа заеднички прес-конференција.
Премиерот Рама истакна дека Луксембург и премиерот Бетел беа меѓу најгласните поддржувачи на Албанија и Северна Македонија за отворање на преговорите за членство во ЕУ.
Рама рече дека со неговиот колега Бетел разговарал за процесот на преговори за членство во ЕУ, за продолжување на процесот на политичко зближување меѓу ЕУ и земјите кои преговараат за приклучување, за Руско-украинската војна и други прашања.
„Исклучително сум задоволен што оваа посета се совпаѓа со посебна година во историјата на нашите односи со Луксембург, 100 години откако Луксембург ја призна албанската држава во 1922 година. Во Луксембург има многу почитувана албанска заедница и премиерот зборува со восхит за Албанците кои живеат во неговата земја“, рече Рама.
Рама рече дека Луксембург на масата на Европската Унија е важен глас за регионот.
„Напорите за унапредување на регионалната соработка, напорите за унапредување на дијалогот меѓу Косово и Србија, напорите за поттикнување кон подобрување на климата во Босна, напорите за постабилен политички процес во Црна Гора, се дел од агендата од интерес на Луксембург и премиерот Ксавиер Бетел“, рече Рама.
Во врска со инцидентот во воената база во Грамш, Албанија, каде што беа уапсени двајца руски и еден украински државјанин, Рама рече: „Останува од истрагата да се дознае повеќе. Нашата грижа е за тоа која е вистинската намера. Овие луѓе, кои за среќа беа запрени од стражарите кои ја извршија својата должност, се лица осомничени за шпионажа, тоа е многу јасно. Она што е важно е да се најде вистинската причина и на тоа работат истражните органи.“
- „Не може земји да бидат заложници поради национални политики“
Од друга страна, Бетел рече дека Европската Унија не е само национален политички интерес.
„Отворивме преговори за членство во Европската Унија и сакам да кажам дека за мене има многу работи кои ме мотивираа, да не кажам дека ќе бидам адвокат на Албанија и Северна Македонија, туку едноставно да кажам дека не може земји да се држат како заложници поради национални политики, ова е првата работа. Не можеме да одлучуваме за иднината на една земја од национални причини“, рече тој.
Бетел зборуваше и за Руско-украинската војна, при што нагласи дека нарушувањето на територијалниот интегритет и суверенитетот не може да се доведува во прашање.
„Балканскиот регион беше буре барут за нашиот континент и ние мора да го избегнеме и мора да направиме сѐ за да го избегнеме. Било да се работи за „Отворен Балкан“, било кога разговараме меѓу себе; знам дека Косово и Србија денеска разговараат. Важно е да се направи прогрес. Не можеме да дозволиме дополнителни конфликти, не можеме да си дозволиме дополнителни притисоци“, рече Бетел.