Fatjon Cuka
28 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
ТИРАНА (АА) - Во Албанија, бројот на смртни случаи од новиот коронавирус (Ковид-19) се зголеми на 30, откако во последните 24 часа е регистрирана една нова жртва, а со потврдувањето на 14 нови случаи, вкупниот број на заболени порасна на 750, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Преку официјално соопштение, Министерството за здравје и социјална заштита соопшти дека 52-годишен маж од Круја починал утрово. Во меѓувреме, во последните 24 часа, тестирани се 267 сомнителни лица за Ковид-19, додека потврдени се 14 позитивни случаи.
„Досега се тестирани 7.758 сомнителни случаи и од нив, 750 случаи се потврдени како позитивни на Ковид-19. Просечната возраст на позитивните случаи на Ковид-19 е 46,8 години. Бројот на граѓани кои ја изгубија битката со оваа болест се искачи на 30“, се вели во соопштението на Министерството.
Според Министерството, во последните 24 часа излекувани се 9 пациенти, со што бројот на излекувани лица порасна на 431.
Потсетуваме дека институциите во Албанија презедоа бројни мерки против ширењето на новиот коронавирус, како што се затворање на образовните институции, забрана за влез на патници од соседните земји, суспендирање на летови до неколку држави, на градскиот транспорт и движењето на приватните возила и ограничување на движењето на граѓаните.
Во меѓувреме, институциите започнаа со олеснување на некои од рестриктивните мерки, додека некои категории на бизниси започнаа да ги вршат своите активности.