Husamedin Gina
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Северна Македонија донесе одлука за празникот 1 Мај, односно петок, сабота и недела, ограничувањето на движењето да почнува во 14:00 часот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На денешната 47. седница, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава за време на празникот 1 Мај и викендот што следува по него.
Според соопштение од Владата, на 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 5:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 5:00 часот наутро следниот ден.
За лицата над 67-годишна возраст, според соопштението, в петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 5:00 часот наутро до 11:00 часот.
Сите деца и млади лица до 18 години, в петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот.
Во соопштението, исто така се истакнува дека остануваат на сила сите други мерки за заштита од Ковид-19 донесени од Владата на Република Северна Македонија.