Besar Ademi
01 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), поддржан од неколку синдикати за правата на вработените, организираа протестен марш во рамките на одбележувањето на 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот, кој традиционално во светот се одбележува во чест и сеќавање на борбата на вработените за унапредување на нивните права, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите кои се собраа пред зградата на ССМ, поминувајќи покрај Собранието на Македонија изразија неколку нивни барања, потоа маршираа низ скопските улици, а маршот го завршија пред Владата на Македонија.

Тие под мотото „Улиците се различни, целта е една“, со барањата поднесени до Владата укажаа на потребата од еден подобар закон за работните односи, регрес за годишен одмор за сите вработени и подобар општ колективен договор за приватниот и јавен сектор.
„Гласно посакуваме, и веруваме дека преставниците на органите на Собранието и на Владата треба да внимаваат на работничката класа, бидејќи преку нас работниците се остваруваат сите благодети на оваа земја. Ние сме тука да покажеме колку сме бројни и колку сме сложни. Во име на солидарноста, да им посакаме да го вреднуваат трудот на работникот и да обезбедат достоинствена работа за сите“, рече Иван Петрушевси од Синдикат на градежништво, пред Законодавниот дом.
Инаку, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е потписник на мапата за меѓусебна соработка.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.

Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго, кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Првата интернационала што се одржа во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на работниците од Чикаго, да се одржуваат масовни демонстрации.