Faruk Zorlu
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
АНКАРА (АА) - Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, заедно со комесарот на ЕУ за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ, ќе престојуваат во дводневна посета на Турција, соопшти денес турското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се вели дека за време на посетата на 3 и 4 март официјалните претставници ќе разговараат за односите меѓу Турција и ЕУ, како и за мигрантската криза и развојот на случувањата во сириски Идлиб.
Идлиб е дом на четири милиони цивили, меѓу кои стотици илјади раселени во последниве години поради нападите на режимските сили низ целата земја.
Во последните месеци речиси 1,7 милиони Сиријци пребегаа во близина на турската граница поради интензивните напади на силите од режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.
Во септември 2018 година, Турција и Русија се согласија Идлиб да се претвори во деескалациона зона, во која изречно се забранети сите акти на агресија.
Но, оттогаш, во воздушните напади и гранатирањето на режимот и неговите сојузници загинаа над 1.800 цивили.
Турските војници работат на заштита на локалното цивилно население во рамките на договорот постигнат со Русија во 2018 година, според кој се забрануваат актите на агресија во регионот.
- Бран мигранти кон Европа -
Илјадници мигранти се движат кон турскиот граничен премин со Грција „Пазаркуле“, откако турските власти минатата недела објавија дека повеќе нема да ги спречуваат нерегуларните мигранти на нивниот пат до Европа.
Ова следуваше по нападот од страна на сириските режимски сили врз турските трупи во Идлиб минатата недела, во кој беа убиени 36 војници.
Во неделата, Турција објави почеток на новата офанзива, операцијата „Пролетен штит“, во северозападна Сирија за заштита на цивилите од нападите на режимот.
Турција веќе згрижи околу 3,7 милиони мигранти само од Сирија, повеќе од која било друга земја во светот.
Анкара континуирано апелира дека Европа не ги исполнила ветувањата во рамките на склучениот договор за бегалците меѓу ЕУ и Турција во 2016 година, за помош на мигрантите и за запирање на идни бранови мигранти.