Furkan Abdula
21 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп, во рамки на посетата на Северна Македонија, вчера присуствуваше на официјалното отворање на кампусот на „Maarif International Schools“ во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченоста, покрај Шентоп и неговата делегација, присуствуваа и амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, заменик-претседателот на Собранието на Северна Македонија, Хусни Исмаили, заменик-министерот за образование и наука на Северна Македонија, Лулзим Алиу, потпретседателот на Турската фондација „Маариф“, Ахмет Емре Билгили, како и претставници на турски институции и организации во земјата, политичари, академици, наставници и студенти.
Во својот говор на церемонијата, Шентоп рече дека турската нација е „една од извонредните нации што обединила безброј култури во минатото и отсекогаш ја подигнувала цивилизацијата“.
„Во основата на нашата цивилизација се човечките, моралните и верските вредности. Нашите предци за време на периодот на администрација на Балканот, во регионот изградија илјадници дела и оставија тука величествено културно наследство. Нашите куќи, џамии, библиотеки, мостови, амами, фонтани и други извонредни дела кои стојат и денес на Балканот, и покрај тоа што значителен дел од нив се уништени, се конкретни дела и траги кои го покажуваат нивото на нашата цивилизација“, изјави Шентоп.

Тој истакна дека „конкретни примери на атмосфера на толеранција под османлиската власт“ можат да се видат на секој агол на Балканот.
„Во овој период верниците од сите религии живееја во мир на Балканот. Џамиите, црквите и синагогите стоеја една до друга во центрите на градовите. Сакам да кажам дека сме задоволни што денес ја гледаме истата толеранција, волја за соживот и желба да се заштити културното богатство во Северна Македонија“, нагласи Шентоп.
Тој, исто така, рече дека пандемијата на Ковид-19 во голема мера ја забрза трансформацијата во образованието, нагласувајќи дека дигиталните алатки станаа главни елементи на образованието.
Шентоп ја нагласи потребата од изградба на образовен систем кој ќе ги подигне поединците како индивидуи кои ги задржуваат своите вредности и не го губат својот идентитет. „Токму во овој сегмент“, додаде тој, „доаѓа до израз важноста на училиштата „Маариф“.“
Истакна дека Турската фондација „Маариф“ е основана во 2016 година со закон одобрен од турското Собрание, а сега Фондацијата раководи со речиси 500 образовни институции основани во 51 земја.
Шентоп во својот говор нагласи дека Туркије има за цел да изгради генерации кои ќе ја користат науката и мудроста за мир и спокојство на човештвото преку Фондацијата „Маариф“.
Како што истакна претседателот на турскиот Парламент, училиштата „Маариф“ претставуваат мост меѓу турскиот народ и пријателските и братски земји, додавајќи дека тие се одраз на надворешната политика на Туркије фокусирана кон луѓето. Додаде дека се горди на тоа што овие училишта ги изградиле за само шест години.
Тој нагласи дека наставниците извршуваат многу важна задача поради фактот што имаат тешка, но значајна одговорност да изградат генерации кои можат да се приспособат на сите промени и трансформации и да го заштитат нивниот идентитет и вредности. Шентоп рече дека со кампусот во Скопје, училиштата „Маариф“ имаат квалитет да одговорат на сите образовни потреби на денешницата и да го подигнат квалитетот на образованието уште повеќе.