СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Директорот на Турската фондација „Маариф“ (ТМВ) за Македонија, Мустафа Дилиоглу, истакна дека оваа фондација ги започна своите активности во Македонија, купувајќи едно приватно училиште во Тетово, кое ќе нуди образование од предучилишно, основно и средно ниво, и дека ова училиште нема да остане само во овој град, туку ќе отворат училиште и во Скопје, како и во другите градови, според потребата.
Дилиоглу, во разговор со Anadolu Agency (AA), нагласи дека веќе отвориле свои структури во пет балкански земји, Македонија, Албанија, Косово, Романија и Босна и Херцеговина,
„Ние ги започнавме активностите во Македонија со купување на приватното училиште во Тетово. Во ова училиште ќе нудиме образование од предучилишно, основно и средно ниво. Училиштето за кое станува збор нема да остане само во овој град, туку ќе отвориме училиште и во Скопје и другите градови, според потребата“, рече Дилиоглу.
Toj соопшти дека во септември во Скопје планираат да отворат детска градинка.
„Има една зграда што ќе ја претвориме во градинка. Имаме цел тоа да го завршиме до септември, и да започнеме со градинката во Скопје. Се надеваме дека нема да задоцниме, и во наредната академска година, како и во академската 2019/2020 година, тука да отвориме училиште во кое ќе може да нудиме образование од основно и средно ниво“, посочи Дилиоглу.
- Образование во согласност со наставната програма на Министерството за образование на Македонија
Дилиоглу нагласи дека во Македонија ќе нудат образование во согласност со наставната програма на Министерството за образование на оваа земја и според меѓународните стандарди, и додаде дека покрај задолжителните предмети на Министерството, ќе спроведуваат и наставна програма збогатена со 17 додатни часови, која ја нарече како „модел на Маариф“.
Дилиоглу изрази желба за создавање основа за едукација на квалитетни индивидуи, и за зголемување на нивото на образование во Македонија.
„Животни вештини, игри на умот, информациски технологии, кодирање и слично, ова ќе бидат додатните предмети во нашата наставна програма. Во нашето училиште ќе нудиме модел на повеќејазично образование, заедно со англискиот јазик, чија вредност постојано се зголемува, како и другите странски јазици. Ние сакаме да работиме со кадар на професионални наставници избрани со објективни критериуми. Имаме за цел да работиме со најдобрите наставници од оваа област во Македонија. Во врска со тоа, ќе вклучиме и професионална консултација, советување и активности за ориентирање на учениците, базирајќи се на нивните таленти“, нагласи Дилиоглу.
Дилиоглу се осврна и на карактеристиките што ги разликуваат училиштата на фондацијата „Маариф“ од другите училишта во земјата.
„Учениците ќе ги ангажираме во областа на општествени активности, односно во културни, уметнички, и спортски активности, во областа на ученички клубови, наука, уметност, спорт, екскурзии, култура, литература и лидерство. Проектите од општествена одговорност, образование околу вредности, учество во национални и меѓународни натпревари, регионални и меѓународни екскурзии, програмите за размена на студенти, и можностите за образование во Турција ќе бидат отворени до крај“, додаде тој.
- „На 2 јуни 2018 година, во сабота, ќе го одржиме испитот за стипендии за нашите ученици"
Училиштето на оваа фондација во Тетово се состои од 44 училници, библиотека, лаборатории, конференциски и спортски сали, како и сали за активности, работилници и студентски дом.
„На 2 јуни 2018 година, во сабота, ќе го одржиме испитот за стипендии за нашите ученици. На овој испит ги покануваме учениците од Македонија. Нека дојдат и нека учествуваат на нашите испити, нека ги искористат нашите можности за стипендии. Покрај стипендиите, постојат и попусти за рано запишување до 1 јули. Тие можат да ги искористат можностите да се образуваат по поволни цени, како преку попустите, така и преку стипендиите што ќе ги добијат од испитот. Во оваа насока, ќе има специјални понуди, специјални попусти, и групни попусти“, нагласи Дилиоглу.
Тој нагласи дека на испитот за стипендии можат да учествуваат ученици од шесто до 13-то одделение, а испитот ќе се одржи на три јазици, албански, македонски и турски јазик.
„Моментално, образованието од прво до петто одделение се одржува само на албански јазик, додека од шесто до деветто одделение основните предмети се на албански јазик, додека другите предмети се на англиски јазик. Наставен јазик во средното образование е англиски. Ќе имаме предмети по повеќе јазици, заедно со македонскиот, англискиот, турскиот и германскиот јазик. Можно е и да се отвори паралелка на турски јазик, ако од учениците има одредена побарувачка за тоа“, истакна Дилиоглу.
Дилиголу информираше дека училиштето во Тетово има капацитет за 1.000 лица, и дека вложуваат напори да го исполнат овој капацитет.
Тој додаде дека аплицирањето за испитот за стипендии може да се направи на нивната интернет-страница „www.maarifschools.edu.mk“.
Дилиоглу рече дека Турската фондација „Маариф“ е основана во 2016 година како државна фондација на Турција, со цел да нуди образовни услуги и да отвори образовни установи надвор од Турција. Како што нагласи тој, оваа фондација досега отворила претставништва во 40 различни земји, претежно во Африка, Азија, на Балканот и Америка, а поседува 110 училишта во 22 различни земји.