АНКАРА (АА) - Осум месеци по основањето, турската Фондација Маариф ги забрзa своите активности против образовните институции на ФЕТО на балканските простори, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде АА, извршувањето на должноста на координаторот за Балканот во Босна и Херцеговина, и неговите постојани посети на балканските земји со цел да преземе дејства против структурите на ФЕТО, покажуваат колку е големо значењето на земјите од овие простори.
Во Македонија и во останатите балкански земји, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и Романија, фондацијата Маариф започна интензивни посети и средби со официјалните претставници на овие земји, на кои се разговара за преземање на училиштата на ФЕТО или на оние образовни институции што се поврзани со ФЕТО, како и за отворање нови турски училишта во овие земји.
Претставниците на Фондацијата Маариф во Македонија, Романија, Албанија и во Косово започнаа со своите активности.
Проекти што ги води оваа фондација на Балканот се:
- Македонија -
Направени се средби со раководството на Интернационалниот балкански универзитет. Постигнат е устен договор со управата на Универзитетот, поднесените барања за лиценца за отворање основно и средно училиште од страна на универзитетот да бидат трансферирани на фондацијата Маариф. Постигнатиот договор во престојните денови ќе биде спроведен во дело, со потпишување на договор за соработка, со што фондацијата Маариф ќе започне со својата образовна работа во Македонија. Во моментов, во Македонија постојат 7 училишта што се поврзани со ФЕТО.
- Босна и Херцеговина -
Во главниот град Сараево и во градовите Тузла и Бихаќ, со цел да се отворат училишта, претставниците на фондацијата одржаа средби со претседателите на кантоните и со министрите за образование. Покрај тоа, во Сараево е остварена средба со министерот за образование на кантонот под кој спаѓа главниот град, на која станало збор за законските регулативи коишто се потребни за да се отвори училиште. На средбата е постигнат договор фондацијата да изнајми зграда во која би се отворило училиштето.
Во Сараево, Фондацијата Маариф продолжува со своите средби на највисоко ниво за отворање престижно училиште, според локацијата, конструкцијата и образовниот кадар. Во рамките на овие средби, подготвен е план училиштето да започне со работа во учебната 2017 - 2018 година.
Во Босна и Херцеговина, ФЕТО има 15 образовни институции. Се тврди дека еден универзитет, кој е дел од ФЕТО, со неправилна постапка бил трансфериран на американска компанија.
- Албанија -
Постигнат е договор со Канадскиот технолошки интитут, кој е изграден од страна на катарски инвеститор во центарот на Тирана, во 2011 година. На 11 мај е потпишан меморандум за соработка, со кој фондацијата Маариф својата активност на академско ниво за првпат ќе ја започне во Албанија. На двата факултета во рамките на овој универзитет, во учебната 2016 - 2017 година се школуваат 420 студенти, а наставата ја држат околу 50 академици. Се планира во учебната 2017 - 2018 година да се запишат околу 600 студенти. Продолжуваат активностите на фондацијата за отворање други факултети на универзитетот и во тек се активностите околу процесот за добивање акредитации.
Фондацијата ги разгледува училиштата коишто имаат дозвола за работа и истовремено остварува средби за преземање на училиштата од основното и од средното образование коишто поседуваат работна дозвола. Додека фондацијата спроведува детално и прецизно истражување во Албанија, истовремено планира да се формираат алтернативни образовни институции, со цел семејствата во Албанија да ги отпишат своите деца од училиштата на ФЕТО.
ФЕТО, кој Балканот го користи како своја база, во Албанија има 12 образовни институции, од кои две се универзитети.
- Црна Гора -
Во Црна Гора е остварена средба со Рифат Фејзиќ, претседател на Исламската верска заедница, со кого е постигнат договор околу завршните работи и раководењето со женската медреса во Улцињ, а главните работи на овој објект во моментов се завршени. Со цел да се постигне континуирана соработка, во престојните денови се планира да се потпише протокол за соработка. Се планира ова училиште да започне со работа во учебната 2018 - 2019 година.
Осварена е средба со надлежните лица од Улцињ, и се истакнува дека можен е договор за проширување на една градинка, со што ќе се овозможи таа да прими поголем број деца. Во тие рамки, на средбата е договорено да се започнат активности за да се најде поголема површина за градинката.
- Косово -
Американската академија „Султан Мурат“ во Приштина, со протоколот потпишан на 25 април, префрлена е во надлежност на фондацијата Маариф. Во ова училиште, наставата ја следат 70 ученици, а институцијата располага со дозвола за градинка, предшколска настава, основно и за средно училиште. Во ова училиште настава можат да следат 350 ученици и има можност за зголемување на капацитетите. Модерната градежна структура на ова училиште на учениците им нуди интернатски можности и квалитетна настава.
Фондацијата Маариф во Косово ќе ги започне своите активности на полето на образованието со две одделни училишта во Приштина и во Призрен. Структурата ФЕТО во Косово има 5 училишта.
- Романија -
Во рамките на истражувањето, направени се значајни чекори во изнаоѓањето на училишта коишто поседуваат работни дозволи. Фондацијата Маариф откупи едно училиште кое има свој објект, но поради финансиските проблеми не профункционирало. За започнување на работата на ова училиште, во тек се средбите на делегациите во Романија. Структурата ФЕТО во Романија има 10 училишта.