Fatjon Cuka
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на посетата на соседна Албанија, во Тирана се сретна со неговата колешка, Линдита Никола, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Парламентот на Албанија, Никола во врска со европскиот пат на двете земји и исполнувањето на препораките на Советот на Европа од страна на овие земји, нагласи дека историјата и инерцијата на минатото не треба да ја спречуваат европската иднина на двете земји и двата народа.
„Одличната соработка и односи меѓу Албанија и Северна Македонија претставуваат пример за соработка во регионот. Ги цениме реформите направени од страна на Северна Македонија кон членството во НАТО и интеграцијата во ЕУ, како и новиот пристап кон соседите. Во овие успеси придонес даде и зрелоста на албанскиот политички фактор. Албанците во Северна Македонија се фактор на прогресот, интеграцијата и европеизацијата“, рече Никола.
Џафери истакна дека Северна Македонија ќе продолжи по патот на прогресот и реформите за интеграција, и дека Албанците и политичките сили кои ги претставуваат нив, ќе продолжат да даваат придонес за развој, прогрес и европеизација на Северна Македонија.
Никол и Џафери на состанокот одржан во Парламентот на Албанија разговараа и за интензивирање на парламентарната соработка меѓу групите за пријателство и парламентарните комисии, како и зголемување на улогата на Парламентот во поттикнувањето на соработката меѓу двете земји.