Gorana Jakovljevic
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
БАЊА ЛУКА (АА) - Милорад Додик, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, денеска ги повика пратениците во Народното собрание на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС) да донесат исклучително важни одлуки за ентитетските надлежности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денеска се одржува посебна седница на Народното собрание на РС, на која пратениците ги разгледуваат информациите за пренос на надлежностите од РС на ниво на Босна и Херцеговина, за пренос на надлежностите во областа на индиректното оданочување, за правосудните институции на БиХ, за пренос на надлежностите од РС на ниво на БиХ во областа на одбраната и безбедноста со предлози и Декларацијата за уставни принципи.
Доколку бидат усвоени, со заклучоците во рамките на овие информации, Народното собрание ќе ја задолжи Владата на РС да ја повлече согласноста за договорите за пренос на надлежностите и да предложи законски решенија во рок од шест месеци, кои ќе ги опфатат областите што се разгледуваат.
Додик истакна дека верува оти постои неопходно силно мнозинство за носење вакви одлуки и дека ова мнозинство во одреден временски период ќе одлучува за конкретни законски решенија.
„Можеби ќе прифатиме некои да моделираме и да останат на ниво на БиХ, многумина ќе ги вратиме на ниво на РС. А тоа моделирање на ниво на БиХ ќе имплицира трајно право на РС да се врати на таа тема и да одлучува за неа“, рече Додик.
Тој посочи дека она што го добиле со Дејтонскиот мировен договор, го сакаат назад, дека „тоа не може да биде опција за војна“.
„РС нема да преземе воени мерки и доколку биде нападната воено, ќе продолжи да се бори со политички средства. Исклучиво со политички средства, ниту една воена евентуална окупација на РС не значи дека таа е изгубена. Војната не е опција, јас тоа го отфрлам. Би сакал овој Парламент да ја отфрли“, рече Додик.
Тој посочи дека е важно да се запамети дека Уставот е валиден, дека тие не прават ништо надвор од Уставот, не преземаат ништо од БиХ и дека веруваат дека модалитетот што го дава Уставот е најдобриот можен.
„Сакаме да ги вратиме надлежностите, да ги регулираме повторно или на ниво на БиХ или тоа да го направиме овде“, рече Додик.
Зборувајќи за Вооружените сили на БиХ, Додик рече дека усвојувањето на заклучоците не значи дека Србите треба веднаш да ги напуштат Вооружените сили на БиХ, туку дека опциите подоцна ќе бидат разгледани и договорени. Тој посочи дека е можно да се намалат силите, да се донесе закон за Армијата на РС или да се демилитаризира РС.
Истакна дека не е подготвен да биде кукавица и да им се допаѓа на другите, освен на народот што го претставува и народот што го избира. Посочи дека е решен да ги донесе сите одлуки, наведувајќи дека не е точно дека се тешки, туку очекувани и додаде дека знаат кое е нивното уставно право и дека ќе пишуваат одлуки врз основа на Уставот.
Додик ги повика пратениците да гласаат за предложените заклучоци, а оние кои не размислуваат на тој начин, достоинствено да учествуваат во расправата.
„Не дозволувајте Народното собрание да стане такво што тие што нѐ мразат, да се радуваат затоа што тука се расправаме“, рече Додик.
На барање на опозициските клубови на пратеници, собраниската седница има едночасовна пауза. Опозицијата побара пауза, бидејќи, како што наведоа нејзините пратеници, слушнале нови информации, пред сѐ, во обраќањето на Милорад Додик.